Новиот закон за висока раководна служба ќе почне да се применува од 1 октомври, а носи неколку клучни промени меѓу кои и построги критериуми при избор на раководни лица, кратење на управните одбори и крај за долгогодишните в.д. директори.
Министерот за јавна администрација Горан Минчев вели дека Владата е целосно подготвена за имплменетација на законот.
Иако добивме грејс-период до крајот на 2026 година за имплементација на ова решение, ние направивме огромен чекор и сме подготвени од 1 октомври веднаш да почнеме со примена на законот. Несериозно би било да не го имплементираме, кога сите закони, уредби и правилници се веќе донесени на Влада, рече Минчев во гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Од вкупно 100 раководни позиции, во овој момент има околу 20-тина за кои веднаш ќе биде распишан оглас, со цел целата постапка да заврши до крајот на годинава.
Дел од новините е кратењето на управните одбори кои ќе бројат максимум три члена, а досегашните долги мандати на в.д. директорите се ограничуваат на само еден мандат од најмногу шест месеци, период по кој ќе мора да се распише јавен оглас за избор на нов раководител.

