На првиот ден од есента на највисокиот врв на планината Баба, Пелистер падна и првиот снег во оваа сезона, информира Националниот парк „Пелистер“.
„Првиот ден од есента на Пелистер, ни донесе снег“, наведе националниот парк во објава на Фејсбук.
Ноќеска во 2:05 часот по полноќ есента официјалани почна на Северната земјина хемисфера и календарски таа ќе трае до 21 декември во 14:50 часот, кога започнува зимата.
Метеоролозите за наредните денови најавуваат претежно ведро и постудено време. В петок попладне и во текот на ноќта кон сабота, под влијание на циклонска активност, се очекуваат врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат пообилни. По ова ќе следува период на стабилно време, со пониски утрински температури.

Инаку, првиот снег денеска падна и на планинските врвови во делови од Босна и Херцеговина, како и на планините Копаоник и Голија во Србија, предвреме најавувајќи го претстојното доаѓање на зимата.

