Пред 35 години на денешен ден граѓаните преку референдумско изјаснување ја потврдија волјата за суверена и самостојна држава со што Македонија по мирен пат се одвои од државите од поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија.
Три ипол деценции подоцна, зад Македонија е долг и турбулентен период исполнет со многу безбедносни предизвици, тешки комромиси и борба за меѓународна афирмација. Денес, Македонија е членка на Обединетите нации и на НАТО, но се уште чека пред вратата на Европската унија.
На 27 јануари 1991 година, Македонија го добива првиот претседател – во Собранието е избран Киро Глигоров за прв претседател, а на 20 март 1991 година формирана е првата влада на чело со Никола Кљусев.
На 17 ноември Собранието го усвои Уставот со кој практично се поставија темелите на современиот уставен и политички систем на независната држава. Потоа следуваа усвојување на Законот за одбрана, договор за дислокација на ЈНА, воведување на денарот како национална валута, ново државно знаме….
Денешениот ден ќе биде одбележан со повеќе активности. Претставници на политичкиот живот ќе им оддадат почит на првиот претседател Киро Глигоров и на првиот премиер Никола Кљусев, како и на поранешниот претседател Борис Трајковски, кој трагично загина во авионска несреќа во близина на Мостар.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе им додели Орден „8 Септември на Јордан Плевнеш и Раде Сиљан и постхумно на Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски.
Централната прослава ќе се одржи пред платото на Владата под мотото „Силно светнал ден!“ каде се очекува да се обрати претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.

