Северна Македонија мора да ги исполни своите обврски и да ги започне потребните промени за да продолжи по својот европски пат, порачува бугарското Министерство за надворешни работи по неодамнешната изјава на шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски дека од голема важност е вклученоста на Европската Унија во сите понатамошни разговори со официјална Софија.
Бугарија ја поддржува работата на Европската комисија со секоја од земјите што преговараат за членство, оценувајќи ги резултатите постигнати во рамки на Европскиот совет. Очекуваме Северна Македонија да ги исполни своите обврски и да ги започне потребните промени за да продолжи напред по својот европски пат, порачува бугарското МНР.
Велат дека добрососедските односи се суштински дел од процесот на пристапување во ЕУ и дека Бугарија останува отворена за конструктивен дијалог со Северна Македонија.
Реакцијата на бугарското МНР следува откако шефот на македонската дипломатија во интервју за МИА рече дека земјата не е подготвена по која било цена да прифати компромис што на државата не ѝ обезбедува предвидливост и дека токму затоа од големо значење е вклучувањето на Европската унија во сите понатамошни разговори со Софија.

