Производителот на челик „АрселорМиттал“ соопшти дека ја затвора својата фабрика во украинскиот град Криви Рих, поради бројните руски напади врз неа во текот на изминатите недели.
Според компанијата, која е еден од глобалните гиганти во челичната индустрија, фабриката во Криви Рих била бомбардирана четири пати во последниве пет недели, при што загинале пет вработени, а објектот претрпел и значителни оштетувања.
Фабриката на „АрселорМитал“ во моментов е најголемата активна фабрика за челик во Украина. Железарите „Азовстал“ и „Илич“ во Мариупол се во руски раце уште од првата година на војната, а две други големи фабрики беа тешко оштетени при напади во текот на овој месец.
Русија напаѓа сè повеќе економски цели во Украина, како одмазда за украинските напади врз рускиот нафтен сектор и малопродажниот синџир „Вилдберис“.
Според Украина, нападите врз „АрселорМитал“ се дел од поширока кампања за парализирање на украинското производство на челик. Производството на челик е од големо економско значење за Украина и со децении придонесуваше за економскиот раст по стекнувањето независност од Советскиот Сојуз.

