Изборната листа на парламентраните избори во Србија, „Студенстка листа – Студентите победуваат“ соопшти дека ја прекинува својата кампања „Студент во секое село“ на територијата Босна и Херцеговина, бидејќи процениле дека повеќе „не можат да ја продолжат одговорно поради „опструкциите и активностите на полицијата и локалните провокатори“.
Во објава на Инстаграм студентите посочуваат дека „дошле во Република Српска со идеја да разговараат со граѓаните од другата страна на реката Дрина“, како и дека тие „разговори се она по што ќе ги паметат овие денови“.
„Многумина од нив не знаеја кои сме сè додека не се појавивме пред нив. Сепак, тие нè прифатија како свои“, се нагласува објавата и се наведува дека во изминатите неколку дена „ги кршеле предрасудите, запознавале нови луѓе и ја ширеле пораката за слободата што доаѓа“.
Студентите посочуваат дека од почетокот на кампањата во неколку градови се соочиле со опструкции и активности од страна на полицијата, како и од локални провокатори.
„По сè што се случи, проценивме дека во овие околности повеќе не можеме одговорно да ја продолжиме акцијата“, се додава во објавата.
Прекршочна постапка против двајца организатори на кампањата во Брчко
Полицијата во Брчко покрена прекршочна пријава по скратена постапка против двајца организатори на студентската кампања, затоа што поставиле штанд, дистрибуирале материјали и разговарале со граѓани.
Локалната полиција соопшти дека на 23 септември полицајци евидентирале поставување штанд, дистрибуцијата на одредени летоци и собирање на неколку лица на „Плоштадот на младите“ во Брчко.
Во соопштението се тврди дека овие лица не ѝ доставиле на полицијата известување за одржување мирен собир и дека против нив е покрената прекршочна постапка пред Основниот суд во Брчко.
Караванот наречен „Студент во секое село“, како што претходно најави „Студентската листа“, требаше да ги опфати Бијелина, Брчко, Добој, Бања Лука, Требиње, Вишеград, Братунац и Зворник, со цел да го презентираат својот план пред предвремените избори во Србија на 25 октомври.
На овие избори право на глас имаат сите државјани на Србија, вклучително и голем број Срби кои живеат во БиХ.
На инцидентите поврзани со кампањата на студентит во БиХ, претходно со осуда реагираше и невладината организација Куќа за човекови права од Бања Лука.

