Со слем-караван низ улиците во центарот на Скопје, денеска ќе биде одбележан Светскиот ден на слемот, со кој годинава се слават 40 години од постоењето на слем-поезијата како специфична поетска и перформативна форма на изразување. Воедно, во земјава се одбележуваат и 16 години од постоењето на „Поетски слем Македонија“.
Како што најавуваат организаторите, слем-караванот ќе започне во 18 часот и ќе се движи низ централното градско подрачје на Скопје.
Одбележувањето ќе продолжи во пабот „Ѕе“ со почеток во 20 часот, каде што ќе се одржи полуфиналето за претстојното 16. издание на фестивалот „Поетски слем Македонија“. Тројцата најуспешни учесници ќе обезбедат директен пласман во финалето на фестивалот.
Шеснаесеттото издание на фестивалот традиционално ќе се одржи во Прилеп од 8 до 11 октомври, во организација на Театарска работилница Прилеп.
Во програмата се предвидени повеќе културни настани, меѓу кои изложби, поетската монодрама „Лидија или сѐ што знам за жените“, како и промоции на книги од авторите Елена Пренџова, Катарина Фиаменго, Александра Јуруковска, Сузана Мицевска, Марија Грубор-Вардарска, Ненад Јолдески и Пијан Славеј (Бранислав Николов). Во рамки на фестивалот ќе се одржи и концерт на „Хот џез оркестра“.
Специјални гости на годинашното издание ќе бидат поетесите Елијане Лусија Леонардо Бутелане и Наташа Сокре од Мозамбик.
Фестивалската програма ќе биде заокружена со посета на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Трескавец и вечер посветена на Тихомир Јанчовски.
Организаторите информираат дека „Поетски слем Македонија“ досега испратил 11 национални претставници на Европското слем-првенство и двајца претставници на Светското слем-првенство. Победникот на годинашниот фестивал ќе ја претставува државата на следното Европско слем-првенство, со можност за настап и на светскиот шампионат.

