Во последните недели, САД го засилија притисокот врз трговските партнери на Иран, барајќи од земјите на Блискиот Исток и во Европа да изберат меѓу продолжување на деловната соработка со Техеран и одржување на економските врски со Вашингтон, објави денеска „Волстрит џурнал“ (WSJ), повикувајќи се на дипломатски извори.
Според весникот, високиот функционер на американското Министерство за финансии, Џонатан Беркс, овој месец посетил неколку земји на Блискиот Исток и во Европа, предупредувајќи дека продолжувањето на трговијата со Иран може да ги изложи тие нации и нивните компании на американски санкции.
Беркс, заменик-помошник секретар во Министерството за финансии, изјави дека Вашингтон забележува „нова итност“ кај партнерите во нивниот одговор на американските барања и дека тие сериозно ги сфаќаат предупредувањата.
Притисокот е дел од „Операцијата економски парија“ (Operation Economic Pariah), започната од американското Министерство за финансии во август со цел да се прекинат преостанатите финансиски и трговски канали на Иран и да се прошират секундарните санкции врз субјектите што соработуваат со Техеран.
Посетата на Беркс вклучуваше разговори за летовите на иранската авиокомпанија „Махан ер“ (Mahan Air) – која е под американски санкции и од Вашингтон се поврзува со Корпусот на гардата на исламската револуција – како и за работењето на други ирански авиокомпании. Разговорите опфатија и финансиски трансакции со филијалите на „Банк Мели Иран“ (Bank Melli Iran) – најголемата комерцијална банка во земјата – како и одземање на лиценците за други ирански банки, вклучително и „Банк Мелат“ (Bank Mellat).
Беркс се сретна и со британски претставници во време кога Лондон објави дека нема да ги продолжи исклучоците што им овозможуваат на одредени ирански банки да продолжат со работа.
Според весникот со седиште во Њујорк, овој потег би можел дополнително да ги ограничи финансиските канали на Техеран во Европа.
Кампањата за притисок на САД опфаќа повеќе од 50 земји, пренесува „Волстрит џурнал“, додавајќи дека Азербејџан и Грузија исто така презеле мерки за ограничување на пристапот на иранските авиокомпании до нивниот воздушен простор. На 8 септември, Министерството за финансии на САД воведе опсежни санкции кон иранскиот воздухопловен сектор, како и кон странски компании и посредници што му пружаат услуги, предупредувајќи дека субјектите што ќе продолжат да соработуваат со иранските авиокомпании ќе се соочат со американски санкции.
WSJ: САД вршат притисок врз земјите да изберат меѓу деловна соработка со Иран и односи со Вашингтон

