„360 степени“ објави детали за тоа како се распределени државните пари на здруженија и фондации кои ќе поделат 290 илјади евра од потпрограмата за промоција на меѓуетничките односи.
Користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, “360 степени“ добиле документи за дел од поддржаните проект при што направиле проверка кој стои зад организациите и какви точно активности ќе спроведуваaт со пари од државата.
Актуелниот министер за локална самоуправа, а тогашен министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ тврди дека не можел да влијае врз изборот и дека ги потпишал најдобро рангираните проекти. Слични сомнежи за распределбата на парите за невладините го следеа и неговиот претходниот во вој ресор Артан Груби.
Доколку се погледне годинашната листата на добитници на пари од Министерството за односи меѓу заедниците, не е изненадување што најголем број се од Скопје. Од 36 поддржани организации, 20 се со седиште во главниот град. Но, впечатливо е тоа што втори и значително пред другите се организациите од Куманово. Тие добиле 5 проекти. За споредба, Битола има 3, Тетово и Струмица 2, а Кичево, Штип, Дебар и Делчево се со по 1 поддржана организација. Куманово е родниот град на Иван Стоилковиќ, човекот што го предводеше Министерството за односи меѓу заедниците во моментот на распределбата. Тоа беше и повод подетално да ги разгледаме кумановските организации, пишува “360 степени’.
Меѓу добитниците кои се финансирани со државни пари се медиско-информативниот центар СРБИ.МК, Куманово. Од податоците достапни преку Централниот регистар видлива е е-маил адреса во која се споменува презимето Тричковиќ. Во историјатот на лица во здружението, до март годинава, како сопственик фигурирал Мирослав Тричковиќ. Станува збор за актуелниот директор на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците – орган со состав на Министерството од каде „Срби.мк“ добила парична поддршка.
Под полна материјална и кривична одговорност, изјавувам дека во времето на споменатиот јавен повик не сум дел од споменатото здружение и дека немам потпишано никаква апликација или сум учествувал во истата, изјавил Тричковиќ за “360 степени’.
Меѓу здруженијата и организациите е и КУД „Српски вез“ Куманово кои добиле 8 илјади евра. До март 2025 година овластено лице во КУД „Српски вез“ бил актуелниот директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците Далибор Китановиќ.
Веќе е завршен и проектот „Дигитална иднина за младите од Куманово“, чиј носител е Институт – Пулсот на демократијата, а основач на организацијата е Енвер Саљихи, поранешен член на Државната изборна комисија од редовите на движењето БЕСА, кое сега е дел од владејачката ВЛЕН.
Само поткасти се предвидени и со проектот на Младинскиот форум за соработка Скопје. Во проектот се вели дека се работи за оригинален концепт-поткаст на искусни борци против корупцијата, авторот на проектот Оливер Ромевски и актерот Сашо Тасевски, открива “360 степени’.
Поткастите се реализираат со предвидената динамика. На нив пишува кој ги поддржува. Ромевски е поранешен директор на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). На позицијата дојде како кадар на ГРОМ на Стевчо Јакимовски, тогаш во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Но, има богато искуство и во невладиниот сектор.
Меѓу проектите, има такви кои според описот немаат ништо заедничко со односите меѓу заедниците. На пример, на здружението „Златни ангели“ му се доделени пари за терапевтски кревет, фотелја за масажа за деца со церебрална парализа, како и терапевтски и едукативни сесии и групни активности. Здружението на бубрежно болни „Нефрон“ пак, добило средства за развој на културата на дарување органи и трансплантација. Сепак, меѓу приоритетните цели наведени со повикот за финансиска поддршка, покрај еднаквост и недискриминација, наведена се и активности како – подобрување на социјалната кохезија и градење на инклузивно општество.

