Нема вакцини за сезонски грип но причината, според Министерството за здравство, не е објавениот тендер туку производството на вакцини на глобално ниво затоа што се променети сите три вирусни соеви од вакцината.
На објавениот тендер за набавка не пристигна ниту една понуда – причината е проблем во производството на глобално ниво, а не во нашата постапка. Оваа година, првпат одеднаш се променети сите три вирусни соеви во составот на вакцината (два за грип А и еден за грип Б). Светската здравствена организација и американската агенција ФДА ги ажурираа трите соеви заедно, што го одложи почетокот на производството кај производителите ширум светот, информира Министерството за здравство.
Оттаму велат дека вложуваат напори вакцините против сезонски грип да бидат што побрзо обезбедени, за вакцинацијата на ранливите категории граѓани да почне според планираното.
Министерството е во постојана комуникација со земјите од регионот и пошироко и се очекува наскоро, во текот на овој месец да бидат обезбедени вакцини преку меѓународните канали.

