Десет дена по неуспешниот обид за нејзина егзекуција во американската сојузна држава Тенеси, Криста Пајк ја напушти болницата и се врати во затворот, каде што се наоѓа повеќе од 30 години, соопштија нејзините адвокати.
„Таа добива понатамошна медицинска нега во затворот, а ние ќе продолжиме да го следиме процесот на нејзиното закрепнување“, соопшти адвокатскиот тим.
Извршувањето на смртната казна на Пајк предизвика големо внимание, бидејќи таа беше првата жена по повеќе од 200 години што требаше да биде погубена во американската сојузна држава Тенеси.
Егзекуцијата на 50-годишната Пајк беше закажана за 1 октомври, но и покрај тоа што ѝ беа дадени две смртоносни инјекции, таа преживеа.
Сè уште не е познато какви ќе бидат долгорочните последици од неуспешната егзекуција. Засега е познато дека Пајк има згрутчување на крвта во едната рака и пневмонија. Рацете исто така ѝ се силно отечени и нејасно е дали таа целосно ќе закрепне.
Пајк беше осудена во 1996 година за убиство на 19-годишната девојка Колин Ен Слемер, дело што го извршила кога имала 18 години, заедно со нејзиното тогашно момче Тадарил Шип. Тие ја нападнале, мачеле и убиле Слемер, која ја запознале во камп за обука на млади луѓе од семејства со ниски приходи.
Шип не бил осуден на смртна казна, бидејќи бил имало 17 години во времето на злосторството. Тој сè уште е во затвор.

