Министерството за правда изрази загриженост поради случајот со Ива Михаилова и нејзиниот прием на високо ниво во Софија, во период кога за неа е во сила судска забрана.
Од Министерството посочуваат дека владеењето на правото подразбира еднаквост пред законот, почитување на судските одлуки и доследна примена на правните процедури.
„Националната припадност и државјанството не смеат да бидат основа за привилегиран третман или различна примена на законот“, нагласуваат од Министерството за правда.
Оттаму додаваат дека, како соседни држави посветени на европската перспектива, Македонија и Бугарија имаат обврска односите да ги градат врз заемна доверба, почитување и ефикасна правна соработка.
Според Министерството, тоа подразбира доследно почитување на правните обврски, како и независноста на судските постапки.
„Министерството за правда ја нагласува важноста на институционалниот дијалог и соработката, со цел сите отворени прашања да бидат разрешени врз основа на фактите, законите и меѓународните правни механизми“, се наведува во реакцијата.
Од Министерството порачуваат дека европските вредности не треба да останат само декларација, туку претставуваат обврска за сите.
„Правдата мора да важи за сите, без исклучок и без селективност“, се наведува во соопштението.

