Обидот на британскиот премиер Енди Барнам да ги обнови и продлабочи односите со Европската Унија се соочува со сериозна пречка. Франција и неколку други земји членки бараат Велика Британија да престане да им наплаќа повисоки школарини на студентите од ЕУ, а спорот би можел да ги забави преговорите за нов договор за соработка. Во меѓувреме, Барнам најавува дека одбивањето да се разгледаат поблиски односи со Унијата би било неодговорно кон британските граѓани, додека опозицијата ја оспорува неговата иницијатива, објавува „Фајнешл тајмс“.
Велика Британија и ЕУ го најавија долго одложуван самит за 20 ноември и покрај разликите меѓу нив. Париз и неколку други европски престолнини сакаат прашањето за универзитетските школарини да биде решено дотогаш, додека Велика Британија смета дека тоа треба да се разгледува по самитот.
Барнам во понеделникот пред пратениците изјави дека се надева оти самитот ќе придонесе за економски раст преку договор за отстранување на трговските бариери за прехранбените производи, поврзување на системите за тргување со емисии на гасови кои го предизвикуваат ефектот н стаклена градина и засилување на соработката во справувањето со илегалната миграција.
Британскиот премиер рече дека се надева и на одобрување на шемата за „младинско искуство“, наменета за лица на возраст од 18 до 30 години. Сепак, некои земји, меѓу кои и Франција, сметаат дека таа мора да биде поврзана со договор според кој студентите од ЕУ би плаќале школарини по домашни, односно британски стапки на универзитетите во Велика Британија.
Дипломати на ЕУ изјавија дека Европската комисија, која ги предводи преговорите, минатата недела предложила да биде прифатена британската понуда прашањето за евентуално намалување на школарините за студентите од Унијата да се разгледува дури по самитот.
Но, неколку земји членки на состанокот во петокот, на кој имало жестока расправа, порачаа дека Комисијата не треба да даде согласност за другите делови од договорот сè додека не се реши прашањето за универзитетските школарини.
Студентите од ЕУ плаќаат значително повисоки таканаречени меѓународни школарини за студирање во Велика Британија, кои достигнуваат до 38.000 фунти годишно, додека британските студенти плаќаат околу 10.000 фунти.
„Земјите членки ѝ приредија три часа пекол на Европската комисија кога таа предложи договорот да се одложи. Без решавање на прашањето за школарините, се чини малку веројатно дека ова ќе помине“, изјави дипломат на ЕУ, објави „Фајненшл тајмс“.
Спорот потсетува на политичката чувствителност на дебатата за односите по Брегзит, која Бернам повторно ја отвори. Сепак, премиерот инсистира дека самитот ќе го означи почетокот на чекорите за приближување на Велика Британија и Европската Унија.
„Задржувањето на статус кво состојбата не е доволно добро за Велика Британија“, им рече тој на пратениците, додавајќи дека сака да започне „сериозен дијалог“ со британските граѓани за долгорочните односи на земјата со ЕУ.
Барнам не ја исклучи можноста Велика Британија да поднесе барање за повторно приклучување кон Унијата, покрај другите опции, како што се приклучување кон царинска унија или кон единствениот пазар. Тој сака да се обиде да изгради „консензус“ пред следните избори.
Кеми Баденок, лидерка на Конзервативната партија, ја отфрли иницијативата.
„Тој нема да добие подобар договор“, изјави таа.
Барнам и Фараж во спор околу наводното руско мешање во референдумот за Брегзит
Во низата показатели за силните страсти што ги предизвикуваат прашањата поврзани со ЕУ, е и обвинувањето на лидерот на партијата Реформа Велика Британија, Најџел Фараж кон Барнам, нарекувајќи го „лажго“, откако британскиот премиер изрази загриженост поради наводното руско мешање во референдумот за Брегзит во 2016 година.
„Кога дојдов на Даунинг стрит, го поставив прашањето: ‘Дали имало руско мешање во референдумот во 2016 година?’ И добив јасен одговор дека да, имало“, изјави Бернам во интервју за подкастот „The Rest is Politics“.
Сепак, Даунинг стрит во понеделникот не презентираше нови докази за мешање и призна: „Не веруваме дека тоа било успешно“.
Барнам подоцна им рече на пратениците дека не ја доведува во прашање легитимноста на резултатот од референдумот, на кој 52 проценти од гласачите се изјаснија за напуштање на ЕУ, а 48 проценти за останување.
Фараж, една од водечките фигури во кампањата за напуштање на Унијата во 2016 година, изјави: „Борис Џонсон, кога стана министер за надворешни работи, едно од првите прашања што ги постави беше: ‘Дали изгледаше дека имало руско мешање во кампањата за референдумот?’ А одговорот беше не“.
Барнам им рече на пратениците дека одбивањето да се разгледа можноста за поблиски односи меѓу Велика Британија и ЕУ би претставувало „сериозно занемарување на должноста“.
„Треба смирено, јасно и рационално да погледнеме на светот таков каков што е денес и да размислиме што е најдобро за нашата земја“, додаде тој.
Одлуката на Барнам да се заложи за приближување на Велика Британија кон Брисел доаѓа во време кога индустрискиот сектор се јавува со предупредување дека новата агенда на ЕУ, насочена кон „произведено во Европа“, претставува значителна закана за британското производство.
Британските производители загрижени од новата индустриска политика на ЕУ
Барнам изјави дека на самитот ќе ги „ја изнесе британската загриженост“ во врска со иницијативата, со што практично потврди дека евентуалниот конечен договор со ЕУ, во кој би била вклучена и Велика Британија, ќе мора да почека до подоцна, кога Унијата ќе го усогласи законодавството за новите правила за јавни набавки и субвенции.
Тој рече дека и ЕУ и Велика Британија се обидуваат да се справат со истиот проблем – ризикот за нивната производствена база од кинеската конкуренција – и дека тоа треба да го решаваат „заедно“.
На годишната конференција на Лабуристичката партија минатиот месец, Барнам изјави дека сака да постигне „консензус“ за идните односи на Велика Британија со ЕУ пред следните избори и дека ставот постигнат врз таа основа ќе стане составен дел на изборната програма на неговата партија.
Изјавата на Барнам доаѓа во момент кога британските и европските преговарачи влегуваат во клучна недела од разговорите за обновување на односите, чија цел е подобрување на трговијата.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој ќе биде домаќин на ноемврискиот самит, изјави: „Нашата безбедност и просперитет се тесно поврзани, поради што е неопходно силното партнерство меѓу нас“., објави „Фајненшл тајмс“.

