Уличните протести во Албанија со барање за реформи во образованието и борба против корупцијата продолжија и синоќа, трет ден по ред, одново прераснувајќи во насилство.
Според медиумските извештаи, синоќа во Тирана и во неколку други албански градови се одржаа „масовни протести против Владата на премиерот Еди Рама“, при што на неколку локации ситуацијата ескалираше во насилни судири со полицијата.
Демонстрантите фрлаа камења и пиротехнички средства кон владините згради, блокираа патишта и запалија канти за отпадоци. Полицијата за разбивање демонстрации одговори со солзавец, шок-бомби и водени топови. Уапсени се и неколку лица.
Во Тирана беа блокирани неколку главни сообраќајници. Протести се одржаа и во Драч, Елбасан, Кукс и Валона, а во Скадар и Корча собирите излегоа од контрола.

Инциденти на протестите во Тирана имаше и во вторникот и во средата, кога дојде до повеќечасовни насилни судири меѓу полицијата и демонстрантите, кои упаднаа во неколку владини згради, а во една предизвикаа и пожар.
Протести на фламингата
Протестите ги предводат студентски групи кои бараат реформи во образованието. Тие се незадоволни од квалитетот на образованието, високите трошоци за студирање и ограничените можности за вработување.
Сепак, според аналиитчарите, во основа станува збор за наталожено незадоволство од Владата на Рама, кое се собира со години, па ова сега е еден вид „точка на вриење“ по неколкумесечни мирни протести на кои речиси и немаше никаков одговор од властите.
Антивладините протести во Албанија траат уште од почетокот на јуни, кога започнаа како реакција на владините планови за изградба на луксузен туристички комплекс на јужниот брег на земјата, проект поврзан со инвестициска компанија основана од Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Протестите беа наречени „Движење на фламингата“, поради тоа што демонстрантите користеа транспаренти со слики од фламинга. Илјадници од овие птици живеат во природен резерват на островот каде што е планиран проектот.

Во јули се појвија информации дека дел од земјиштето на кое треба да се изгради одморалиштето, наводно, било продадено врз основа на фалсификувани имотни листови. Ова дополнително го разгоре гневот на јавноста кон владината политика.
Подоцна медумите објави и дека лицето кое го продало земјиштето било барано од полицијата поради трговија со дрога. Неговиот адвокат ги негираше тие обвинувања.
Така, „протестите на фламингата“ прераснаа во движење кое бара пошироки реформи и оставка на премиерот Еди Рама, кого го сметаат за симбол на корупцијата и нееднаквоста во Албанија.
Рама обвинет дека е олицетворение на корупцијата
„Нашиот премиер е олицетворение на корупцијата. Работа во својата струка можеш да најдеш само ако познаваш некого што познава некого“, изјави еден од студентите учесници на протестите.
Млад адвокат, кој исто така учествува во протетстите изјави дека „Владата е корумпирана, а ја предводи и со неа владее корумпиран премиер“. „Откако Рама дојде на власт, тој ги злоупотребуваше луѓето и им ги уништуваше животите. Токму затоа луѓето сега го изразуваат својот гнев, бидејќи претходно никој не ги слушаше“, истакна тој.

Студент по новинарство, пак, истакна дека демонстрантите сакааат подобра Албанија, во која „здравството ќе ја обезбедува основната грижа што ја заслужува секој граѓанин, во која образованието ќе нуди пристојни услови и еднакви можности, и во која студентите ќе можат да си дозволат студирање и живот без да бидат притиснати од растечките трошоци за живот“.
Организаторите на протестите најавуваат дека тие ќе продолжат.
„Ќе бидеме таму секој ден. Нашиот одговор на секој обид да нè замолчат ќе биде проширување на протестот, граѓанската мобилизација и отпорот“, објави насоцијалните мрежи Матео Исколари, еден од иницијаторите на протестите.
Рама: Никој не може да ја фати Албанија за гуша
Но, премиерот Еди Рама вели дека нема намера да поднесе оставка, но дека е подготвен да разговара за зголемените трошоци во образованието.
„Алтернативата би била предавство на Албанците, кои ми дадоа силен мандат да ги завршам преговорите за членство во Европската Унија“, изјави Рама.
Рама е на власт од 2013 година и се поврзува со многу коруптивни структури и со секакви видови незаконски зделки.
Тој утрово на Фејсбук објави видео-порака снимена во опожарената универзитетска зграда, при што најави дека „секој што придонел за овој хаос, сигурно ќе ја плати цената за тоа“.
„Денес, ова се урнатини оставени од раце кои не можат и никогаш не би можеле да бидат раце на студенти… Заедно ќе ги надминеме овие тешки моменти, бидејќи Албанија ќе продолжи да напредува, Албанија ќе го продолжи својот пат кон Европа… Никој не може да ја фати Албанија за гуша. Секој што мисли дека законот не важи за него – греши“, порача Рама.

