На австрскиот инвеститор во недвижности Рене Бенко, кој пред еден месец беше осуден на 2,5 години затвор за оштетување на своите доверители, му е дозволено да ја замени затворската казна со домашен притвор со носење електронски уред на ногата, соопшти на Судот.
Бенко беше осуден затоа што однапред наплатил стотици илјади евра за купување недвижности во Инсбрук, иако неговата корпорација „Сигна“ веќе била на работ на банкрот и не била во можност да ги изгради објектите што ги продавал.
Тој беше во притвор од јануари 2025 година, а сега му е дозволено да ја напушти ќелијата и да премине во домашен притвор.
Според неговиот адвокат, бизнисменот може соодветно да се подготви за понатамошните правни постапки само доколку е надвор од ќелијата.
Од империја во недвижности до милијарди евра долг
За време на домашниот притвор, тој ќе престојува во стан од 60 квадратни метри во Инсбрук. Дозволено му е да го напушта станбениот простор само еден час дневно, а исто така му е забрането да остварува контакти со лица од групацијата „Сигна“.

Бенко беше еден од најбогатите луѓе во Австрија. На врвот на моќта богатството на 47-годишниот Бенко беше проценето на шест милијарди долари.
Својата империја во секторот недвижности ја основаше во 2000 година. Огромното портфолио на неговата групација „Сигна“ ги вклучуваше, меѓу другото, зградата „Крајслер“ во Њујорк, хотелот „Бауер Плацо“ во Венеција и разни германски ланци на стоковни куќи, како што се „КаДеВе“ и „Галерија“.
„Сигна“ банкротираше во 2023 година, а оттогаш доверителите, особено оние од Обединетите Арапски Емирати и Тајланд, бараат поврат на милијарди евра. Вкупниот долг на холдингот се проценува на 2,4 милијрди евра.
На 4 и 5 ноември, Бенко повторно треба да се појави пред судија, овојпат по обвиненија за измама.

