Протестите во Тирана беа одбележани со тензии и судири меѓу демонстрантите и полицијата, при што во текот на вечерта беа забележани инциденти во неколку делови од албанската престолнина.
Демонстрантите фрлале петарди и пиротехнички средства кон седиштето на Социјалистичката партија, додека полицијата употребила солзавец и муниција за заплашување (ќор-куршуми) за да ја растера толпата, пренесува „Албанијан пост“ (Albanian Post).
Ситуацијата била напната и на плоштадот „Скендербег“, каде што полициски возила ги бркале демонстрантите.
За време на интервенциите, полицајците бркале неколку лица по градските улици, користејќи гумени палки.
Во еден случај, полицијата привела демонстрант и го удрила со гумени палки; исто така, во центарот на Тирана, во близина на угостителски објекти, биле приведени неколку млади луѓе, наведува „Албанијан пост“.
Уште еден инцидент се случил во близина на Националната опера и балет на плоштадот „Скендербег“, кога полицијата се обидела да приведе едно малолетно лице.
Неколку граѓани – главно жени – се спротивставиле на интервенцијата, барајќи младиот човек да не биде приведен.
И при други апсења, некои граѓани протестирале против постапувањето на полицијата.
Се појавија наводи за физичко насилство и психолошки притисок врз млади луѓе, иако целокупните околности на овие настани остануваат нејасни, пренесува порталот. Демонстрантите користеле и симболични банкноти во вредност од 2.500 евра, исмевајќи го ветувањето на албанскиот премиер Еди Рама за парична награда за припадниците на државната полиција.
Во текот на вечерта, едно лице изгубило свест во делот од градот познат како „Тајван“, каде што присутните граѓани и медицинскиот персонал му пружиле прва помош.
Безбедносните мерки се засилени во близина на една банкарска филијала која беше цел на напади во изминатите денови; поставени се метални бариери, а ангажирано е и приватно обезбедување.
Протестите, предводени од студенти, во Албанија се одржуваат веќе седми ден по ред. Првично поттикнати од незадоволството од состојбата во образовниот систем, високите трошоци за студирање и ограничените можности за вработување на младите, протестите прераснаа во пошироки демонстрации против владата на албанскиот премиер Еди Рама, при што се упатуваат барања за негова оставка.
Вчерашните протести во Тирана, одбележани со тензии и судири меѓу демонстрантите и полицијата

