Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ синоќа изјави дека претходно изнел осум барања за кои Хрватска очекува Црна Гора да ги исполни, со цел да продолжи нејзиниот напредок кон членство во ЕУ. Тој додаде дека одлуката што Владата на Црна Гора ја донесе во вторникот се однесува само на две од нив: спомен-обележјето во Морињ и преименувањето на базенот во Котор.
„На неодамнешниот состанок на Европскиот совет во Брисел, јасно изнесов осум барања за кои очекуваме напредок од Црна Гора. Денешната одлука на црногорската Влада опфаќа две од нив: плочата во Морињ и преименувањето на базенот во Котор. Има и други“, напиша Пленковиќ на својот профил на мрежата X.
Тој најави дека ќе следат дополнителни разговори со Црна Гора, како и напори за „подигнување на свеста за потребата од решавање на прашањата што се однесуваат на темелните вредности и добрососедските односи“.
Претходно вчера, Владата на Црна Гора, на седница одржана по телефонски пат, донесе одлуки за преименување на базенот во општина Котор и за ретроактивна легализација на спомен-обележјето во Морињ – со што се исполнети две од барањата на Хрватска.

Како што беше соопштено, на општинскиот базен во општина Котор – кој претходно го носеше името „Зоран Џими Гопчевиќ“ – му е доделено ново име: „Градски базен – Петар II Петровиќ Његош“. Загреб побара базенот во Котор повеќе да не го носи името на Гопчевиќ, за кого хрватската страна тврди дека бил чувар во поранешниот логор во Морињ.
Спомен-плочата во Морињ беше поставена нелегално на 10 октомври 2022 година, на камениот ѕид во близина на влезот во воениот објект на таа локација.
Со новата одлука се одобрува таа да остане на тоа место, без никакви промени во нејзиниот постоечки изглед, димензии или натпис. Тоа значи дека натписот на плочата – во кој, меѓу другото, се спомнуваат „големосрпска агресија врз Хрватска“ и „заробени хрватски цивили и бранители“ – ќе остане непроменет. „Спомен-обележјето (спомен-плоча), поставено на 10 октомври 2022 година на камениот ѕид во близина на влезот во воениот објект Морињ, во општина Котор, со ова се одобрува ретроактивно – при што се задржуваат неговиот сегашен вид, изглед и димензии, како и постоечкиот натпис – исто како што се одобрува и натамошното одржување и присуство на споменатото обележје на неговата сегашна локација“, се наведува во одлуката на Владата на Црна Гора.
Хрватска го услови пристапувањето на Црна Гора кон Европската унија со исполнување на осум конкретни барања.
Покрај двете претходно споменати, Црна Гора мора да ги реши имотните прашања поврзани со хрватски семејства чиј имот во Црна Гора не е вратен или чии правни постапки се неоправдано одолговлечени; да ги реши граничните прашања, вклучително и морската граница меѓу двете земји; како и да ѝ го врати на Хрватска школскиот брод „Јадран“. Понатаму, Црна Гора треба да го реши прашањето за 14 исчезнати хрватски државјани од времето на војната во поранешна Југославија, да исплати отштета на поранешните затвореници кои биле држени и злоставувани во логорот Морињ за време на војната во 1991–1992 година, да ги процесуира воените злосторства, како и да ја испита одговорноста на претпоставените.

