Самостојната изложба „Точка на вриење“ на младата уметница Мартина Павлеска ќе биде отворена вечерва во Мобилната галерија во Паркот на Франкофонијата, во организација на Центарот за современи уметности Скопје.
Преку циклус дела, Павлеска ги истражува влијанијата на личното искуство, сеќавањата и внатрешните конфликти врз формирањето на идентитетот.
Делата ги обработуваат темите на сеќавањето, емоциите, потребата за прифаќање и стремежот кон зачувување на индивидуалноста, отворајќи прашања за односот меѓу автентичното јас и другоста. Несигурноста е претставена како простор за самоспознавање и критичко преиспитување на личните уверувања и вредности.
Мартина Павлеска (2004) е студентка на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Учествувала на повеќе групни изложби во земјава и регионот, добитничка е на повеќе награди, а била вклучена и во реализацијата на делото „ПИЕТА – Во прекривките на ургентноста“, со кое Македонија се претстави на Биеналето за уметност во Венеција во 2026 година.
Изложбата е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам.

