Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска претстојува во Норвешка на консултации за ситуацијата во Украина, соопшти норвешката Влада.
Во соопштението се нагласува дека Зеленски ќе биде пречекан од кралот на Норвешка, Хакон, ќе го посети Парламентот во Осло и ќе има разговори со норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе и со финскиот претседател Александар Стуб, на кои ќе учествуваат и американските пратеници за Украина, Стив Виткоф и Џаред Кушнер.
Во посебно соопштение на норвешката Влада се наведува дека Виткоф е лично присутен во Осло за директни консултации со украинскиот претседател Зеленски и со лидерите на Норвешка и Финска, додека Кушнер ќе учествува во разговорите „онлајн“.
„Украина побара американските специјални пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер да учествуваат на состаноците. Мило ми е што тие можат да учествуваат“, изјави Сторе по повод разговорите.
Претходно, американскиот информативно-политички портал „Аксиос“ објави дека Виткоф оваа недела престојува во Европа за „одделни разговори со украинските и руските лидери“. Според извештаите, тој исто така ќе „одржи консултации“ со претставници на НАТО, и на неколку други земји, меѓу кои и Франција, Велика Британија, Германија и Полска.
Насочување на дипломатијата во поконструктивна насока
Според норвешкиот премиер Сторе, целта на консултациите во Осло е „дипломатските напори да се насочат во поконструктивна насока“.

Изборот на Норвешка како место за овие дипломатски разговори не е случајно. Имено, во последните денови, односите меѓу Украина и САД паднаа на многу ниско ниво, а Европа сака да се обиде да спречи подлабок раздор меѓу Киев и Вашингтон.
Финскиот претседател Стуб изјави дека на разговорите на кои и тој ќе присуствува ќе се дискутира за „илегалната воена агресија на Русија врз Украина и за севкупната безбедносна ситуација во Европа“.
Зеленски: Конструктивен разговор со Рубио
Во мешу време, Зеленски објави дека пред посетата на Осло имал „конструктивен разговор“ со американскиот државен секретар Марко Рубио.
Зеленски во објава на социјалните мрежи најави дека со Рубио, меѓу другото, разговарале за повторното воспоставување на сателитскиот систем „Старлинк“/„Старшилд“, што Украина го користи интензивно.
Минатата недела, работата на системот беше „времено прекината“, што предизвика сериозни последици на бојното поле. Како нарачатели на „прекинот“ беа посочени Пентагон и Белата куќа.

Зеленски со Рубио разговарале и за „виталното значење“ на американските разузнавачки податоци поврзани со претстојните руски напади.
Според Украина, САД последниве денови престанале да ги споделуваат тие информации.
Исто така, Зеленски и Рубио разговарале и за доцнењето во испораката на системите за противвоздушна одбрана „Патриот“ за Украина.
„Ова се случува во контекст на нашите дипломатски напори да се стави крај на оваа ужасна војна“, наведе Зеленски во објавата, притоа заблагодарувајќи му се на Рубио за „неговата подготвеност да помогне и за неговиот јасен став“.

