Итната медицинска помош добива 100 нови амбулантни возила опремени со ЕКГ, дефибрилатори и респираторна поддршка, а во тек се преговори за набавка на дополнителни 50 возила во 2027 година.
Министерот за здравство Сашо Клековски информира дека во моментов се активни 140 возила, а со новата набавка бројот ќе достигне речиси 200. Од новите возила, 60 ќе го зголемат капацитетот на службите, а останатите ќе ги заменат дотраените амбулантни возила.
„Овие возила веднаш ќе бидат ставени во употреба по неопходната обука на тимовите со новите можности што ги нудат“, рече Клековски, посочувајќи дека распределбата ќе се врши според демографијата, територијата што ја покриваат здравствените установи, бројот на интервенции и транспортите, како и состојбата на постојните возила.
Возилата се опремени со ЕКГ, респираторна поддршка, дефибрилатори, имаат и комфор-зона, регулација на вентилацијата и на климатизацијата.
Клековски истакна дека најголем недостиг на кадар во здравствениот систем во моментов има кај возачите, особено важни за функционирањето на службите за итна медицинска помош.
Тој информира дека Министерството за здравство изработило анализа на потребите од здравствен кадар на национално ниво, по категории, со проекции за пензионирањата до 2030 година.
„Имаме комплетна анализа на кадрите на национално ниво по категории. Возачи, лекари, медицински сестри, со прогноза за пензионирање до 2030 година и каде ќе бидат тесните крила. Во моментот возачите се најтесното крило од сите“, рече Клековски.
Тој посочи дека врз основа на анализите, Министерството ќе разговара со здравствените институции и со Министерството за финансии за обезбедување потребни согласности за кадровско зајакнување.
Клековски најави и реформи во Итната медицинска помош, меѓу кои воведување национални стандарди за тријажа, формирање национален диспечерски центар и постепено вклучување парамедици во тимовите.
На промоцијата во Скопје, премиерот Христијан Мицкоски најави дека инвестициите во здравството ќе продолжат, вклучително и проекти за клиничките болници во Штип и Тетово, како и здравствениот дом во Кичево. Тој информираше и дека се разгледуваат две локации за нов клинички центар во Скопје, со очекување преговорите да завршат до крајот на годината.

