Еболата, чие жариште во Африка е во источните региони на Демократска Република Конго, сѐ повеќе се шири вон границите на земјата. Така во Кенија веќе се регистрирани девет заболени од ебола, а прв случај на заразен од болеста е потврден и во Нигерија.
Првиот случај на заболен во Кенија, држава во Источна Африка, беше потврден пред две недели, кога во земјата од ебола почна маж по потекло од ДР Конго.
По ова во текот на изминативе денови во Кенија беа потврдени уште осум случаи на заболени од ебола. Според кениското Министерство за здравство, сите заболени се лица од блиското опкружување на починатиот Конгоанец.
„Не постојат никакви докази за ширење на болеста надвор од оваа група“, се наведува во соопштението на Министерството.
Деветтиот случај на заболен е 24-годишен маж, кој бил „близок роднина на првозаболениот“ и веќе бил ставен во карантин кога кај него била потврдена болеста.
Поради појавата на инфекцијата, САД вчера издадоа предупредување во кое на Американците кои планирале да заминат за Кенија им се советува „повторно да размислат“ за тоа патување.
Прв случај на ебола и во Нигерија
Во меѓу време, нигериската Влада соопшти дека е во главниот град на Нигерија, Абуџа е пријавен прв случај на ебола.
Според нигерискиот министер за здравство Мухамед Али Пате, станува збор за жена, која „неодамна пристигнала во Нигерија со меѓународен лет од Уганда“.
„Таа била примена во приватна клиника во Абуџа, каде што се лекувала неколку дена пред да биде потврдена дијагнозата“, истакна Пате.
До почетокот на октомври, појавата на вирусот на еболата беше ограничена само на ДР Конго и Уганда. Во ДР Конго се пријавени повеќе од 8.000 заразени и над 4.000 смртни случаи, а во Уганда околу 20 заболени и двајца почината од ебола.
На почетокот на месецов, првиот случај беше пријавен во Кенија, а сега и во Нигерија. Тоа е прв регистриран случај на ебола надвор од Централна и Источна Африка.

