Во базиликата „Свети Петар“ во Рим денеска првпат беше отслужен молебен во чест на Свети Еразмо Охридски, на олтарот посветен на овој светител. Молитвениот чин го отслужи Неговото Високопреосвештенство, митрополитот дебарско-кичевски г. Георгиј, во сослужение на протојереј-ставрофор Никола Христоски.
На молитвеното чествување присуствуваа Сања Митровска, вршител на должност во Македонската амбасада при Светата Столица, Магдалена Димова, вршител на должност во амбасадата во Италија, како и вработени во двете дипломатски претставништва и претставници на Дебарско-кичевската митрополија.
„Овој молитвен чин, отслужен во еден од најзначајните христијански храмови, претставува посебно духовно чествување на Свети Еразмо Охридски , чие име е поврзано со христијанското духовно наследство на Охрид и Македонија“, соопшти Дебарско-кичевската епархија.

