Последната вечер од годинашното, дваесет и прво издание на камерниот фестивал „Златна лира“, ќе биде заокружена со концертот на дуото Александра Коцевска и Глигор Гелебешев. На концертот ќе претстават разновидна вокална програма што ги обединува францускиот музички колорит на Морис Равел, творештвото на македонските композитори Сотир Голабовски и Љубомир Бранѓолица и лирската експресивност на шесте романси од Џузепе Верди.
Традиционално, и оваа година свеченото затворање на фестивалот ќе го одбележи и доделувањето на наградата „Златна лира“ што Сојузот на музичките уметници на Македонија ја доделува за животно дело и за најзначајни достигнувања на полето на музичката интерпретација во изминатата година.

