Легендарното „Југо 55“ ќе биде во центарот на новата епизода од автомобилската серија „Wheeler Dealers World Tour“, во која водителите Мајк Бруер и Марк „Елвис“ Присли ќе се обидат да го реставрираат моделот од 1989 година и да проверат дали може да му парира на „Фолксваген Голф“.
Новата, четврта епизода од третата сезона ќе има премиера на 11 ноември во 21 часот на каналот Discovery.
Во Србија, Бруер и Присли пронаоѓаат „Југо“ од 1989 година, кое на прв поглед изгледа дека е во солидна состојба, но по деталната проверка откриваат повеќе механички проблеми.
Пред нив е предизвикот да го обноват автомобилот и да проверат какви можности нуди неколку децении по неговото појавување на автомобилската сцена.
По реставрацијата, следува и споредба со еден од најпознатите модели на неговото време – „Фолксваген Голф“. Мајк верува дека „Југо“ може да се носи со германскиот автомобил и подготвува серија предизвици во кои двата модела ќе ги одмерат силите, додека Елвис е поскептичен.
„Југо“ е еден од најпрепознатливите автомобили од поранешна Југославија. И покрај честите критики и автомобилските шеги на негова сметка, моделот остана дел од автомобилското наследство на регионот и за многумина беше првиот автомобил.
Во третата сезона на „Wheeler Dealers World Tour“, Бруер и Присли патуваат низ Европа и Азија, каде што купуваат, обновуваат и тестираат автомобили со помош на локални експерти и механичари.

