-На само дваесетина километри источно од Загреб, каде што градскиот метеж отстапува место за питомите зелени пејзажи на Пригорје, сместен е шармантниот град Дуго Село. Иако во текот на годината пулсира како модерен предградски центар, секој трет викенд од септември ова место станува сцена за една од најубавите и највкусните гастрономско-културни манифестации во регионот – „Стари јадења од Дуго Село“.

Велат дека љубовта оди преку желудникот, па затоа срцето на манифестацијата е посветено на зачувувањето на кулинарското наследство и традиционалните вештини на предците. Додека се движите низ улиците на градот, ве обзема уникатен спој од ароми: кулени, кобасици, „славонски шпек“ т.е.сланина, “сапуњара“, мирисот на отворен оган, чадот од дрва и звукот на крчкање храна во традиционални земјени садови, котлиња и масивни котли.
Овде сè се подготвува автентично, на лице место – од богати народни чорби и празнични специјалитети, па сè до пилешко со познатите хрватски млинци и традиционалниот вол на ражањ. Тука е и барањскиот „грах“, поточно грав подготвен во земјан сад на ќумур за кој се чека во редица.

-Со оваа манифестација ги негуваме традиционалните знаења и вештини, но и традиционалната гастрономија и традиционалните начини на подготовка на храната. Бидејќи храната – а ве покануваме сите на традиционален ручек – ја подготвуваме на оган, односно готвиме во земјени садови, на скара, котловина, котлиња и слични работи, ни рече Кармела Вуков Цолиќ, директорка на Туристичката заедница на градот Дуго Село.
„Имаме и цела низа работилници со кои ги поттикнуваме старите знаења, односно учиме да ткаеме, да „крпариме“, керамичарство и слично. Така што, покрај сето тоа, ги собираме и земјоделските семејни стопанства на нашиот саем и три дена Дуго Село е всушност центар на доброто расположение и добрата гастрономија“, кажа Кармела Вуков Цолиќ.

Со повеќе од десет илјади посетители кои го исполнуваат Дуго Село за време на фестивалските денови, градот станува вистински центар на топлото гостопримство, песната и доброто расположение. Посетата на Дуго Село во септември не е само патување до нов град, туку топло враќање кон корените, семејната трпеза и искрените балкански вкусови.
О.Б.

