Комисијата за надзор над стручната работа, формирана од министерот за здравство Сашо Клековски за да изврши проверка на начинот на лекување на родилката од Струмица, едногласно заклучи дека нејзината невролошка состојба не е последица на спиналната анестезија применета при породувањето, ниту на лекарска грешка во која било од здравствените установи во кои била лекувана.
„Комисијата ја разгледа целокупната медицинска документација од трите установи, снимките од магнетната резонанца и дополнителните појаснувања побарани од болниците. Секој член се изјасни поединечно за својата област, а заклучоците се донесени со согласност на сите членови, се вели во соопштени на Министерството за здравство.
Според наодите на Комисијата, грижата за време на бременоста, упатувањето во Клиничката болница Штип, породувањето со царски рез, анестезијата и следењето по операцијата се спроведени според важечките протоколи и добрата клиничка пракса.
„Спиналната анестезија е дадена во лумбалниот (долниот) дел на ’рбетот, со стандарден лек и доза, додека промената во ’рбетниот мозок е утврдена значително повисоко, во градниот дел. Постоперативниот тек бил уреден, пациентката е отпуштена без невролошки симптоми, а тие се појавиле неколку дена подоцна. Според Комисијата, најверојатна причина е спонтано крварење од ретка малформација на крвните садови во ’рбетниот мозок, која не може да се открие со ангиографија. Причината сè уште не е дефинитивно утврдена“, се наведува во соопштението.
Комисијата препорачува, кога состојбата на пациентката ќе дозволи, да се заврши дијагностиката за конечно утврдување на причината, како и да продолжи рехабилитацијата со редовно невролошко следење.
„Кога една млада мајка по породување се соочува со вакви последици, должни сме на неа, на нејзиното семејство и на јавноста да дадеме јасен и стручен одговор. Затоа формиравме комисија со експерти од земјата и од странство. Нивниот заклучок е едногласен – нема лекарска грешка. Тоа не ја намалува тежината на она низ што минува таа. Министерството ќе продолжи да ѝ обезбедува сета потребна поддршка во лекувањето и рехабилитацијата“, изјави министерот Клековски по повод објавувањето на комисискиот извештај
Комисијата беше формирана на 19 август 2026 година, по предлог на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, со цел независна стручна проценка на работата на здравствените работници во ЈЗУ Општа болница Струмица, ЈЗУ Клиничка болница Штип и ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија Скопје.
Во неа учествуваа пет експерти од различни специјалности, од кои двајца од странство: д-р Игор Самарџиски, гинеколог-акушер, ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство Скопје (претседател); д-р Горан Рондовиќ, анестезиолог, началник на Клиника за анестезиологија на Воено-медицинска академија Белград; д-р Дејан Георгиев, невролог, раководител на оддел за неврологија на Универзитетски клинички центар Љубљана; д-р Миќун Миќуновиќ, неврохирург, ЈЗУ Специјална болница „Св. Еразмо“ Охрид; и д-р Дејан Даскалов, радиолог, ЈЗУ Универзитетски институт за радиологија Скопје.
Извештајот е доставен до министерот за здравство, а за неговите заклучоци се известени пациентката и нејзиното семејство, како и засегнатите здравствени установи. Поради заштита на личните и здравствените податоци на пациентката, целосниот извештај не се објавува.
Истрагата се спроведува во врска со случајот со родилката С.М. од струмичкото село Баница, која по породување со царски рез во Клиничката болница во Штип остана неподвижна и се движи со инвалидска количка.
Случајот деновиве предизвика силни реакции во јавноста, откако нејзиниот свекор преку видеа во живо од пред болниците во Струмица и Штип побара помош од министерот за здравство, Сашо Клековски. Тој тврдеше дека лекар од струмичката болница му рекол дека снаа му ќе остане парализирана, што било причина јавно да проговори за нејзината здравствена состојба.

