Романските истражители се обидуваат да откријат како од запечатена вреќа во царинскиот објект на аеродромот „Хенри Коанда“ во Букурешт исчезнале околу 700.000 евра, пари што претходно биле конфискувани од две патнички.
Случајот започнал на 9 јануари, кога жена и нејзината ќерка пристигнале на аеродромот со приватен авион од Дубаи. Иако при царинската контрола изјавиле дека немаат багаж и ништо за пријавување, службениците откриле и конфискувале околу 700.000 евра.
Парите биле ставени во вреќа, која ја запечатил царински службеник, а потоа била складирана во сеф во царинскиот пункт за патници.
Во април се појавил првиот сигнал за неправилности. Според локалните медиуми, царинските органи составиле извештај во кој било наведено дека парите не се чуваат во соодветни услови. И покрај тоа, не биле преземени мерки за подобрување на ситуацијата.
На 23 октомври, друг царински службеник забележал дека вреќата ја нема првичната големина и тежина. Пломбата изгледала недопрена, но при подетална проверка бил забележан необичен шев на дното, што предизвикало сомнеж дека вреќата била отворена и повторно зашиена.
Кога била отворена, во неа биле пронајдени само една банкнота и неколку листови хартија.
Царинските органи ја известиле полицијата, а истражителите треба да утврдат кој имал пристап до парите и како тие исчезнале. Дополнителен проблем е тоа што во просторијата во која се чувале парите немало камери за видеонадзор, иако коридорот што водел до неа бил покриен со камери.
Паралелно се спроведува и внатрешна истрага за да се утврди дали биле почитувани процедурите и кој би можел да сноси одговорност за исчезнувањето на парите.

