Лидерите на САД, Јапонија, Австралија и Индија најверојатно ќе се сретнат во вторник, на маргините на самитот на Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН) во Манила, објави денеска Ројтерс, повикувајќи се на два извори.
Оваа средба ќе претставува прв самит на групата „Квад“ – која ги опфаќа силите од Индо-пацифичкиот регион – по две години.
Американскиот државен секретар Марко Рубио минатиот месец навести дека лидерите на групата би можеле да се сретнат во главниот град на Филипините.
Се очекува на дневен ред на самитот на „Квад“ да биде и прашањето за снабдувањето со критични минерали, изјави еден од изворите.
„Лидерите најверојатно ќе го покренат прашањето за слободни и непречени комерцијални поморски патишта, со цел да се обезбеди дотур на енергетски ресурси од целиот свет“, наведе изворот.
Тој додаде дека меѓу темите за дискусија ќе бидат и нападите врз трговските бродови.
Втор извор, од филипинската влада и запознаен со подготовките, посочи дека се очекува лидерите на „Квад“ да се соберат набргу откако американскиот претседател Доналд Трамп ќе пристигне во Манила во вторник за самитот на АСЕАН.
Собирот во Манила ќе биде прва средба на лидерите на „Квад“ откако Трамп минатата година се врати на функцијата. Лидерите на „Квад“ последен пат се сретнаа во септември 2024 година во Делавер, каде што ја потврдија својата посветеност на слободен и отворен Индо-пацифик и најавија иницијативи за зајакнување на соработката во областа на поморската безбедност.
„Квад“ е неформален стратешки и безбедносен форум – официјално познат како „Четиристран безбедносен дијалог“ (Quadrilateral Security Dialogue) – фокусиран на зачувување на слободен, отворен и стабилен Индо-пацифички регион.
Ројтерс: Лидерите на „Квад“ ќе се сретнат во Манила во вторник

