Австрија, Германија, Грција, Данска и Холандија постигнаа начелен договор со Руанда за отворање на т.н. „центар за врачање“ во оваа централноафриканска земја, каде би биле депортирани апликантите на азил чии барања се одбиени.
На овој начин наместо да ги чуваат одбиените азиланти во установи на своја територија, петте земји од следната година ќе може да ги префрлаат овие лица во центри во Руанда.
Според планот, презентиран за време на конференција за миграција во Виена, во овој центар би биле префрлени мигрантите на кои не им е одобрен азил во ЕУ, но кои истовремено не се можноста да се вратат ниту во нивната матична земја. Така тие би можеле да бидат испратени во Руанда, каде што би биле сместени во еден заеднички „центар за враќање“.
Предвидено е „центарот“ во Руанда да започне со работа следната година. Тој би започнал како еден вид пилот-проект од помал обем, кој би опфатил околу 100 баратели на азил, по 20 од секоја земја.
Неизвесност
Петте европски земји кои постигнаа начелен договор со Руанда ќе ги покријат трошоците за центарот за враќање, но точниот износ засега е непознат.
Прифатниот објект во Руанда ќе биде центар од отворен тип. Министерот за внатрешни работи на Руанда, Винсент Бирута, во Виена зборуваше за „втора шанса“ за мигрантите што се вратени од Европа. Тие би можеле да добијат дозвола за престој во Руанда или, пак, сепак да имаат можност да се вратат во својата земја на потекло.
Подоцна може да следат договори и со други земји, во кои би биле вклучени и други земји членки на ЕУ.
Во некои земји членки на ЕУ, како што се Франција и Шпанија, на овој план се гледа со резерва, оценувајќи ги „центрите за враќање“ како контроверзни
Прашања во врска со човековите права
Организациите за човекови права долго време изразуваат сомнежи во врска со овие центри, кои тие ги нарекуваат и „центри за депортација“.
Фактот што европските земји склучуваат договор токму со Руанда, исто така, наидува на критики. Организацијата за човекови права „Хјуман рајтс воч“ укажува на извештаи за репресија, тортура и произволно лишување од слобода – практики кои, според оваа организација, се вообичаени во Руанда.
Се поставуваат прашања не само за човековите права, туку и за ефикасноста на центрите за враќање. Според европските земји што сакаат да ги користат, тие би имале ефект на одвраќање за мигрантите кои сакаат да дојдат во Европа.
Сепак, експертите за миграција велат дека само мал број одбиени баратели на азил ќе бидат префрлени во Руанда, и тоа по многу висока цена.

