Францускиот актер Жерар Депардје реши да неподнесува жалба на пресудата против него за сексуален напад.
Жалбената постапка требаше да започне вчера, но на самиот почеток на рочиштето, адвокати на Депардје соопштија дека актерот се откажува од правото на жалбата.
Самиот Депардје не беше присутен во судот, но подоцна преку соопштение за јавноста тој упати извинување.
Депардје во мај 2025 година беше осуден на условна казна затвор од 18 месеци за сексуален напад врз две жени за време на снимањето на филмот „Зелените ролетни“ („Les Volets verts“) во 2021 година.
Упатено извинување
Во изјавата насловена „Слушам“, Депардје вели дека ја прифаќа пресудата.
„Правосудниот систем го кажа своето. Прогласен сум за виновен. Го слушам тоа и ја прифаќам пресудата“, напиша актерот.
Тој упати „длабоко и искрено извинување“ до оние што „настрадаа во таа ситуација“.
„На филмските сетови, долго време се криев зад провокации и непристојно однесување. Моите зборови и одредени постапки не поминаа без последици“, посочи Депардје.
Актерот вели дека никогаш немал намера да ги повреди жените, но додава дека „сфатил оти намерата не менува ништо во однос на предизвиканата штета“.
Против Депардје се води уште еден судски процес и тоа за силување на француската актерка Шарлот Арнул. Таа со години го обвинува Депардје за повеќекратни сексуални напади во неговиот дом во Париз, но првично ѝ беше кажано дека нема доволно докази. Во септември 2025 година, стана познато дека тој сепак ќе биде гонет. Тогаш тој поднесе жалба.
Во Франција, Жерар Депардје ужива статус на „полубог“ и има меѓународна слава. Тој стана познат во раните 70-ти години на минатиот вел со филмот „Танчерки на валцер“ („Les valseuses“) и досега има одиграно улоги во околу 250 филмови. За филмот „Зелена карта“ („Green Card“) тој ја доби наградата „Златен глобус“, а неговото толкување на гротескниот Сирано де Бержерак во 1990 година му донесе номинација за „Оскар“. Меѓу помладите генерации, тој е веројатно најпознат како Обеликс од успешните филмови за Астерикс и Обеликс.
Во последниве години, повеќе од 20 жени излегоа во јавноста со обвинувања за несоодветно сексуално однесување од страна на Депардје. Ова е првиот случај што стигнува до суд, но други случаи сè уште се во постапка.

