Илјадници луѓе протестираа денес во Братислава против словачкиот премиер Роберт Фицо. Демонстрантите ја обвинија неговата влада за поткопување на владеењето на правото и го критикуваа нејзиното приближување кон Русија, пренесува АФП.
Протестот беше организиран од главната опозициска партија Прогресивна Словачка (ПС), на годишнината од Кадифената револуција од 1989 година, со која беше соборен комунистичкиот режим во тогашна Чехословачка. Чешка и Словачка мирно се одвоија во 1993 година.
Според „Прогресивна Словачка“, на протестот се собрале околу 25.000 луѓе. „Постои одредена група политичари кои сакаат да ја ограничат слободата и да всадат страв кај луѓето“, рече 22-годишниот студент по медицина Јулиус Тобијас Колесар.
Притоа, тој ги критикуваше потезите на владата на Фицо за зголемување на контролата врз медиумите и културата и ограничување на правата на ЛГБТ+ луѓето во Словачка, која има население од 5,4 милиони.
Демонстрантите се лути поради врските со Русија
Демонстрантите особено ги критикуваа обидите на Фицо да ги зајакне односите со Кремљ и покрај руската инвазија на Украина. Меѓу потезите што предизвикаа незадоволство, тие ја истакнаа октомвриската посета на словачкиот министер за надворешни работи Јурај Бланар на Москва, каде што учествуваше на состанокот на руско-словачката меѓувладина комисија.
„Зачудувачки е. Тоа е предавство на народот, фактот дека тие преговараат со нив (Русите)“, рече Игор Вицо, пензиониран лекар кој продолжува да работи на 74-годишна возраст. „Нека си ги спакуваат работите и нека си одат!“, рече тој.
Владата на Фицо го загуби мнозинството во парламентот
Фицо се врати на власт во 2023 година, откако претходно три пати беше премиер. Неговата владејачка коалиција неодамна го загуби апсолутното мнозинство во парламентот откако неколку пратеници си заминаа. Центристичката опозиција бара предвремени избори, но нема потребните 90 гласови во парламентот за да ги распише.
Фицо се противи на испраќањето воена помош на Украина и се соочи со бројни протести во текот на изминатите три години. Тој, исто така, во неколку наврати се судри со Европската Унија.
Минатата година, словачкиот парламент го измени Уставот и воведе одредба според која словачкото национално право има предност пред правото на Европската унија, според АФП.

