Под името „Активен клуб“ во повеќе европски земји, меѓу кои и Германија, Белгија, Холандија и Шведска, функционираат навидум обични боксерски клубови, но зад кулисите тие промовираат изразита неонацистичка идеологија, открива заедничкото истражување на белгиските и холандските јавни сервиси, ВРТ и БНН ВАРА.
Истражувањето открива дека во овие клубови се одржуваат редовни тајни боксерски турнири на кои се истакнуваат неонацистички симболи, а членовите често го користат хитлеровиот поздрав – чин што, под одредени околности, е казнив.
„Но, работите одат и подалеку од тоа. Боречката обука, на пример, не се сведува само на стремеж кон атлетско тело. Стратегијата е радикализација“, вели инфилтриран поединец со кого соработувале телевизиите во истражувањето.
Иако секој клуб се разликува од другите, експертите го оценуваат овој феномен како барем потенцијално опасен.
„Јас самиот еднаш добив задача да демнам момчиња во вежбалната. Намерата беше, на пример, прво да им се помогне околу распоредот за тренинг. Стануваше збор исклучиво за бели момчиња. Стратегијата е да се претставите како припадник на екстремната десница, но не нужно како нацист. Откако ќе воспоставите контакт, можете да се обидете да ги привлечете во клубот за дополнително да ги радикализирате. Тоа е стратегијата“, вели соговорникот.
Според него, тие се подготвуваат за она што го сметаат за неизбежно: колапс, расна војна, граѓанска војна.
„Оттука и тие истренирани тела. Тие се армија во приправност која чека да биде активирана“, изјави инфилтрираниот поединец.
Насилни инциденти
Членови на овие клубови веќе имаат извршено насилни дела. На пример, четворица членови на ваков клуб во Шведска се осудени за злосторство од омраза откако во летото 2025 година, претепале тројца мажи со странско потекло за време на настан што тие го нарекуваат „лов“.
Исто така, познато е дека членови на „Активните клубови“ понекогаш се присутни на демонстрации, на кои понекогаш доаѓа и до насилни инциденти.
Тој вид на насилство се слави и во чет-групите, забележал инфилтрираниот поединец.

„Колку повеќе насилство, толку подобро. Насилството мора да се нормализира и поттикнува… Таа расна војна, тоа е смртно сериозна работа. Постојано зборуваат за тоа. Тие не веруваат во политичко решение, па според нив, граѓанската војна е неизбежна“, изјави инфилтрираниот поединец.
За време на прослава во чест на Хитлер, екипата на ВРТ дошла до една алармантна изјава поврзана со насилство врз политичари. Во неа се слуша како некој вели: „Сè уште не ми е јасно зошто веќе одамна не постои милиција што всушност ќе ги лови тие луѓе. Зар не би можел јас, со моето оружје, да тргнам во лов на политичари?“ И уште: „Ако фатам тројца од нив, што мислите, што ќе си помислат останатите десет? О, по ѓаволите. Сепак не сме толку недопирливи“.
Експертот за насилен екстремизам Александар Рицман во документарната емисија подготвена врз основа на истражувањето вели дека ова секако би требало да го привлече вниманието на органите на прогонот.
„Сметам дека полициските служби треба да бидат свесни за ова и да истражат кој го зборува тоа. Некој што вели: Можеби треба да застрелам тројца политичари за да ги исплашам другите, тоа секако мора да го привлече вниманието на полицијата“, вели Рицман.
Снимки со 150.000 прегледи на социјалните мрежи
Се чини дека „вечерите за борби“ не се само борби. На пример, сè се снима детално. Целта е ширење пропагандни видеа на интернет. И тие навистина се гледаат. Видео од борба во Холандија има речиси 150.000 прегледи.
„Тие сакаат да влијаат врз умовите на младите луѓе. Се обидуваат да го направат мејнстримот поекстремен и понасилен“, вели инфилтрираниот поединец.
Преку платформата Телеграм, „Активните клубови“ од цела Европа меѓусебно се охрабруваат да ја шират својата идеологија. „Ние сме авангардата. Мораме да правиме работи со кои просечниот човек сè уште не се согласува“, стои во една порака на Телеграм.
„Прво, барањето за запирање на замената на населението беше незаконско. Сега имаме работа со хитлеровски поздрави. Дури и луѓето од мејнстрим круговите зборуваат за замена на белото население. Што е следниот чекор? Владите ќе бидат сè помалку подготвени да гонат такви дела“, продолжува пораката.
Така, формирањето борбени клубови се вклопува во еден многу поширок и потенцијално опасен наратив.
„Ако насилството на крајот има политичка цел да оствари одредена идеолошка замисла или утописки модел на општество, тогаш тоа станува проблем“, вели Кристоф Буш, експерт за радикализација од Институтот „Хана Арент“.

Брзиот развој на ова движење исто така предизвикува загриженост.
„Мислам дека е без преседан тоа што за само 2 до 3 години успеале да соберат 600 до 700 луѓе низ Европа. Притоа, тие се селектирани за вршење насочено насилство врз своите непријатели. Сакаат што побрзо да изградат мрежа. Тоа претставува огромна закана за безбедноста“, додава Рицман.
Буш укажува на опасноста што ја претставуваат ваквите клубови, кои намерно се обидуваат да се претстават како обични спортски клубови за боречки вештини.
„Тие вложуваат голем напор за да го сокријат фактот дека се неонацисти. Користат шифриран јазик. Кога излегуваат на демонстрации на улица, носат фантомки“, вели инфилтрираниот извор.
Според Рицман, тие се формирани со цел да изградат структура налик на паравоени групи, што подразбира организирање и обука на мажи за насочено насилство.
„Значи, ајде да се преправаме дека само спортуваме и да си дадеме име што не звучи како, на пример, Одред на смртта Адолф Хитлер, бидејќи тоа би привлекло премногу внимание. Наместо тоа, се нарекуваат „Активни клубови“. Па, што има лошо во тоа?„Ова е смислено токму за да се доведат во заблуда полицијата и безбедносните служби, за тие, всушност, да гледаат на друга страна“, вели Рицман
Криење пред очите на сите
Низ Европа, безбедносните служби исто така предупредуваат на закани од екстремната десница, а со тоа и од „Активните клубови“. Минатата година, белгиското Координативно тело за анализа на закани забележа повеќе од двојно зголемување на бројот на пријавени закани поврзани со десничарскиот екстремизам.
Постои и извештај од Данскиот центар за документација и сузбивање на екстремизмот (ЦДЕ) кој конкретно се осврнува на „Активните клубови“. Во извештајот се наведува дека овие групи намерно се претставуваат како обични спортски клубови за да бидат помалку забележливи за медиумите и властите. Тоа се нарекува „криење пред очите на сите“.
Данскиот извештај идентификува три ризици: нормализирање на идеите на екстремната десница преку спортот и начинот на живот, радикализација на млади мажи преку онлајн пропаганда и формирање групи, како и изградба на физички мрежи од обучени активисти кои имаат меѓународни контакти. Документ од холандскиот Национален центар за поддршка во борбата против екстремизмот, исто така, предупредува дека идеологијата на „Активните клубови“ може да доведе до зголемена нетолеранција кон идеолошките противници, малцинствата и владите.

