Американската вселенска агенција НАСА синоќа објави дека нејзината сонда, „Војаџер 1“, остварила подвиг без преседан, станувајќи првото вселенско летало што навлезе во меѓуѕвездениот простор и достигна растојание од еден светлосен ден од Земјата – приближно 26 милијарди километри.
Оваа објава доаѓа во време кога леталото, кое е долго време во мисија, се соочува со недостиг на енергија и технички аномалии; сепак, еден официјален претставник изјави дека мисијата „никогаш нема да заврши“, пренесе Ројтерс.
Радио-сигнал испратен од роботското истражувачко летало од меѓуѕвездениот простор бил примен во Мадрид преку меѓународен систем на радио-антени, познат како „Мрежа за длабока вселена“ (Deep Space Network).
Според НАСА, „Војаџер 1“ во средата го поминал растојанието што светлината го поминува за еден ден – околу 26 милијарди километри. На сигналот му бил потребен приближно еден ден за да стигне до Земјата.
Сондата моментално се движи кон ѕвездата Глизе 445 (Gliese 445), која се наоѓа на околу 17 светлосни години од Земјата. Ако ја задржи сегашната брзина, за околу 40.000 години ќе помине на растојание од приближно 1,7 светлосни години од таа ѕвезда. „Војаџер 1“ се движи со брзина од речиси 61.000 километри на час; тој ја преминал надворешната граница на хелиосферата – заштитна обвивка од честички и магнетни полиња создадена од Сонцето – и навлегол во меѓуѕвездениот простор во 2012 година.
Неговиот „близнак“, „Војаџер 2“, исто така беше лансиран во 1977 година, а во меѓуѕвездениот простор навлезе во 2018 година.
Сондата „Војаџер 1“ почна да покажува знаци на стареење; минатата недела престана да пренесува научни и технички податоци, иако сè уште одржува контакт со Земјата.
Сузан Дод, менаџер на проектот „Војаџер“, изрази уверување дека сондата повторно ќе почне да ги испраќа овие податоци.
Претставник од една лабораторија на НАСА претходно оваа недела изјави дека неодамнешните мерки за заштеда на енергија би можеле да обезбедат доволно напојување за двете летала „Војаџер“ да останат во комуникација со Земјата уште три до четири години.
НАСА: „Војаџер 1“ стана првото вселенско летало што достигна растојание од еден светлосен ден

