Најмалку четири лица загинаа, а 30 се повредени во пожар што денеска избувна во електрана во јужен Ирак. Се очекува бројот на жртвите да се зголеми, соопштија претставници на безбедносните служби.
Противпожарните екипи интервенираа во електраната „Харта“, северно од Басра, а припадниците на цивилната заштита успеаја да го стават пожарот под контрола, објави ирачката државна новинска агенција ИНА.
Пожарот се проширил и на блиските куќи, поради што властите биле принудени да ја прекинат работата на електраната, изјавија претставници на безбедносните служби, пренесува Ројтерс.
Електраната „Харта“ има инсталиран капацитет за производство од 800 мегавати, но пред избувнувањето на пожарот работела со капацитет од приближно 400 мегавати, наведуваат официјални лица.
Во моментов нема официјални информации за причините за пожарот или за обемот на штетата.
Електроенергетската инфраструктура во Ирак долго време се соочува со предизвици поради децениското недоволно вложување и несоодветното одржување.
Пожари и технички дефекти во трафостаници и енергетски постројки и претходно доведувале до прекини во снабдувањето со електрична енергија и предизвикувале големи затемнувања, пренесува агенцијата.
Најмалку 4 загинати и 30 повредени во пожар во електрана во јужен Ирак

