Две лица загинаа, а 58 други се повредени минатата ноќ при руски напади врз градот Криви Рих во југоисточна Украина.
Центарот на градот прво бил погоден од две руски балистички ракети, а кога спасувачките екипи пристигнале за да им помогнат на настраданите, истото место го нападнале уште три дрона.
При нападот на дроновите бил убиен 20-годишен припадник на спасувачките тимови. Втората жртва во нападите е едно седумгодишно момче.
Според раководителот на Советот за одбрана на Криви Рих, Олександр Вилкул, 11 од повредените лица се во тешка состојба, а пет од нив се наоѓаат на одделот за интензивна нега.
При нападите се оштетени 25 станбени згради, како и болница, образовни установи, индустриски објекти, деловни простори и еден ресторан.
Нападите, исто така, предизвикаа прекин во снабдувањето на градот со вода, гас и електрична енергија. Техничките екипи работеа цела ноќ и утрово на поправка на оваа инфраструктура.
Подоцна истата ноќ, балистичка ракета го погоди и главниот град на Украина, Киев, при што се повредени две лица, а уништени се неколку куќи.

