Две млади актерки Илина Чоревска и Викторија Степановска Јанкуловска, вчера вечерта, во рамки на 51-то издание на Фестивалот Млад Отворен Театар, со претставата „Свињи“, се обидоа да ни постават неколку дилеми, дали ситуациите во кои се наоѓаме во исто време и ги доживуваме со ист интензитет, но на различни начини, повеќе не обединуваат или се повеќе не отуѓуваат, дали она што не плаши највеќе се емоциите и емпатијата или тоа е бесчуствителноста, дали во нашите животи доминира површноста и минорните ствари или сепак суштински ја сфаќаме реалноста во која функционираме. Постои ли во нас страв од промена или сите сме ние резултат на нашата навика, не згрозува ли нешто или индиферентноста не направи посилни?!

За значењето на МОТ , за претставата „Свињи“, како и за нивните размислувања поврзани со театарот и македонската култура разговаравме со Чоревска и Степановска-Јанкуловска.

За што точно говори претставата „Свињи“ и како ја доживувате оваа соработка со Театарoт „Златен Елец, па и вашата меѓусебна соработка воопшто?
И.Ч: Преставата ,, Свињи,, на Томислав Зајец е пред се напишана како апсурден текст, но со оглед на тоа дека времето во кое живееме е полудо од театарскиот апсурд таа станува еден вид реалистична приказна за две сестри кои живееат отуѓени од светот. Зборува за злото,за начинот на кој тоа зло се пренесува генерациски ако не го сопреме, за тоа какви стануваме кога сме осамени и неприфатени, неможејќи да ги артикулираме своите емоции ние стануваме немилосрдни дури и кон тие што најмногу ги сакаме. Овој процес ми се случи точно во период на себепреиспитување како приватно така и професионално, преку него стигнав до некои одговори и затоа ми е многу важен. Со Тамара и со Вики го градевме нашиот свет зборувајќи за многу интимни нешта кои не повредуваат, но и за работи кои се случуваат околу нас. Нешта кои не можеме да ги промениме или пак можеме, но често свесно одлучуваме да останеме неми, а тоа не поминува неказнето. Ова ми е прва соработка со Тамара која е млада режисерка која не се плаши да зборува за теми за кои другите одбираат да молчат. Со Вики сме заедно од деца и имаме поминато многу заеднички приватни и професионални моменти. Можеби затоа не ни е тешко да играме сестри и таа наша емоционална поврзаност е драгоцена за преставата и публиката ја препознава како вистинска. Сумирано… трите заедно изградивме претстава која неизмерно ни значи.

Колку денеска, во обичниот секојдневен живот на македонецот постои театар, живееме ли театарски или тој ни е потребен инцидентно и наменски само во одредени моменти? Дали на репертоарот на нашите театарски институции, се уште може да се најде по некоја социјално ангажирана претстава?
И.Ч:Во Македонија има театарски згради ама за жал тоа не се театарски институции кои се спремни да ги поместуваат границите на театарот. Интересно е дека на пример Прилепскиот театар нема функционална зграда, а таму често се создаваат значајни престави. Како да заборавивме дека основата на театарот отсекогаш е катарзата, а не забавата, за тоа постоеле и постојат други форми. Ги измешавме работите па театарот наместо да едуцира, отвора прашања, па дури и да боли, го сведовме на тоа да не засмејува за малку да се опуштиме кога одиме на претстава. Побитно ни стана да се продаваат што повеќе билети отколку публиката после театарскиот чин да излезе променета.
МОТ годинава го живее своето 51 во издание, тоа значи повеќе од половина век опстојување. Вие сте се уште релативно млади, но сепак што за вас значи Млад отворен театар?
И.Ч:МОТ за мене уште од студенските денови е еден од најзначајните фестивали во регионот. Баш на МОТ сум гледала некои престави на кои ќе се сеќавам до крајот на животот. Смели, ангажирани, паметни, визионерски. Неизмерно сум среќна што годинава со ,, Свињи,, сме дел од него и тоа ми зборува дека искреноста со која ја работевме преставата се исплати. Се прашувам зошто секоја година се помалку институционални театри од Македонија учествуваат на МОТ?! Претставите од Македонија кои се во програма годинава се независни или копродукции. Ако независниот театар е тој кој ги поместува границите во нашата земја тогаш заслужува многу повеќе.

В.С.Ј: МОТ отсекогаш бил празник за сите театарџии и вљубеници во театарот. Единствена можност човек да се нурне во светските театарски трендови, без да отпатува надвор од земјава. Многупати сум гостувала на МОТ, и секогаш сум ги доживувала тие гостувања со особена возбуда и радост. Среќна сум што Млад(иот) Отворен Театар(ски фестивал), иако веќе ,,возрасен”, сѐ уште го негува младешкиот и отворен дух, и се надевам дека уште долго ќе ја оправдува тежината на името што го носи.
Што е она што ви остави последен силен впечаток кога станува збор за театар или филм, не зависно дали е од наша сопствена продукција или пак странска?
В.С.Ј:Освен МОТ, кој го спомнавме погоре, постои уште еден фестивал, кој цели две децении носи одлични претстави во земјава, а имам чувство дека сѐ уште не го ужива угледот кој го заслужува. Станува збор за фестивалот СКУПИ, на чие затворање годинава имав можност да ја погледнам претставата ,,Нив веќе ги нема“, по текст на Дорунтина Баша, а во режија на Андреј Носов. Длабока, потресна приказна, совршено дозирана и мајсторски одиграна. Помина цел месец откако ја гледав, а сѐ уште не ми излегува од глава.

Подготвувате ли нешто ново, или можеби имате таков план, за скора иднина?
В.С.Ј:Како деца не си ги кажувавме желбите, зашто постоеше верување дека ако ги кажеме, нема да ни се остварат. Кога малку потпораснав, мислев дека тоа било само суеверие, но како созревав и ги запознавав луѓето, сфатив дека желбите и плановите треба да се споделуваат само со мал круг блиски со слични идеи и соништа. Затоа нема да откријам на што работиме во моментов, но можам да ветам дека се работи многу посветено и дека станува збор за тема која е исклучително важна и актуелна.

За крај, каква е состојбата со македонскиот театар или културата воопшто, потребни ли се некакви промени?
В.С.Ј:Ова е прашање на кое би можела да се задржам со часови, или едноставно да одговорам дека се потребни коренити промени! Искрено, не сакам да звучам песимистично, но ако тргнеме од односот кон културата, дури и на оние кои би требало најревносно да ја штитат, а наместо тоа ја влечат по судови, ако видиме што се работи во институциите (секоја чест на исклучоците) и како невкусот и слепата трка по бројки се издигнати на пиедестал, јасно е дека ситуацијата е алармантна. Независната сцена се обидува да надокнади (и неретко ѝ успева), и тоа е некоја светла точка која нѐ води и ни остава простор да се надеваме дека квалитетот и вистинските вредности, порано или подоцна, сепак ќе го најдат својот пат – не само до сцената, туку и воопшто во општеството.

Претставата„Свињи“ работена според текстот на Томислав Зајец, а во режија на Тамара Стојаноска е копродукција помеѓу Театар „Златен Елец“ и Центарот за Култура- Битола, превод од хрватски јазик на текстот го направија Тамара Стојаноска, Никола Стојаноски, дизајн на звук, избор на музика и автор на текст за сонг е на Лука Тошев, сценографијата и костимографијата е на режисерката, маските ги изработи Горан Спасевски, фотогорафија: Јордан Звездоски, дизајнот на постер и рекламен материјал го работеше Бојана Цилевска, а продуцент е Бобан Алексоски.

