Девет лица се застрелани на концерт во централна Калифорнија; едно од нив се здобило со тешки повреди на градниот кош и останува во критична состојба, соопштија денеска локалните власти.
Пукањето се случило на концерт на кој присуствувале околу 150 луѓе во Стратмор, мало место во округот Тулар, се наведува во соопштението од канцеларијата на шерифот на округот, што го пренесе „Еј-Би-Си њуз“ (ABC News).
Досега нема уапсени, а не е обелоденето колку лица пукале кон присутните.
Дваесет и шестгодишен маж бил погоден во градниот кош и бил опериран; тој останува во критична состојба, се вели во соопштението.
Уште две повредени лица, на возраст од 19 и 22 години, исто така биле оперирани, додека шест други се здобиле со полесни повреди.
Властите изјавија дека веруваат оти пукањето можеби е поврзано со конфликт меѓу банди, но не дадоа дополнителни детали.
На настанот во ова место, кое брои околу 3.000 жители, настапувале изведувачи од соседните држави, додаде полицијата.
Канцеларијата на шерифот не одговори веднаш на барањето за дополнителни информации испратено преку е-пошта, но посочија дека веќе нема непосредна опасност за јавноста.
Девет лица застрелани на концерт во централна Калифорнија; едно е во критична состојба

