Делата на Трајче Чатмов, Ана Ивановска, Гоце Божурски и Марија Сотировска се наградените ликовни дела на изложбата „Мал формат / МиниАртура“ во организација на Друштвото на ликовните уметници на Македонија – ДЛУМ, што беше поставена месецов во Културно- информативниот центар –КИЦ, Скопје.
„Мал формат“ го насочува вниманието кон уметничкото дело со ограничени димензии, но со неограничен простор за визуелна, концептуална и емоционална интерпретација. Малата површина овозможува концентрација на ликовниот јазик и ја нагласува важноста на секој потег, линија, боја, форма и текстура., вели претседателката на ДЛУМ, проф. д-р Јана Манева –Чупоска. „Делото со помали димензии често создава непосредна и интимна комуникација со набљудувачот, барајќи поголемо внимание и поблизок контакт, вели таа. За изложбата „МиниАртура“ Манева -Чупоска ќе рече дека ја претставува уметноста на прецизноста, концентрацијата и вниманието кон деталот. „Минијатурниот формат создава специфичен ликовен простор во кој секој елемент има своја функција и значење, а малата димензија станува предизвик за уметникот и можност за исклучително концентриран визуелен израз. Во ‘МиниАртура’ големината на делото не ја определува неговата содржинска или естетска вредност, напротив, ограничениот простор отвора можност за суптилност, прецизност и истражување на формата, линијата, бојата, светлината и текстурата“, истакнува Чупоска.
Во рамки на „Мал формат“ беа претставени 37 автори со 64 дела, а во „МиниАртура“ 27 автори со 47 дела.


