Повеќе од 12.000 луѓе беа евакуирани од арената „Co-op Live“ во Манчестер откако, за време на концертот на американскиот рапер Дон Толивер, беше ослободена непозната супстанца, што ја натера полицијата да прогласи „голем инцидент“.
Инцидентот се случи нешто по 22:00 часот, кога беше пријавено дека посетителите на концертот имаат здравствени проблеми по изложеноста на непозната супстанца.
Службите за итни случаи соопштија дека повеќе од 50 лица – од кои некои имале проблеми со дишењето и очите – добиле помош на самото место, а едно лице било пренесено во болница, пренесува „Скај њуз“ (Sky News).
Едно лице е пренесено во болница, додека на местото на настанот е испратен специјализиран тим обучен за интервенции во опасни средини. Како мерка на претпазливост, започнати се и постапки за деконтаминација.
Полицијата првично се сомневаше дека станува збор за солзавец, но подоцна појасни дека, засега, се работи за непозната супстанца.
На снимките објавени на социјалните мрежи се гледаат посетители на концертот како кашлаат и ги покриваат устите додека го напуштаат објектот.
Помошникот началник на полицијата во Голем Манчестер, Стеф Паркер, изјави дека прогласувањето на „голем инцидент“ им овозможило на службите за итни случаи и на другите надлежни служби да го координираат своето дејствување и да обезбедат безбедна евакуација. „Сега целосно ќе утврдиме за каква супстанца станува збор и како дошло до овој инцидент“, изјави Паркер.
Управата на арената „Co-op Live“ – најголемиот концертен простор во Обединетото Кралство – соопшти дека соработува со полицијата за да се утврди причината за инцидентот.
Повеќе од 12.000 луѓе евакуирани од арена во Манчестер поради непозната супстанца

