Краот на Белгија, Филип денеска му даде дополнително време на белгискиот премиер Барт Де Вевер за да се обиде да постигне договор меѓу владините партнери за Буџетот на земјата за 2027 година и воедно за спас на Владата.
„Иако изразува жалење поради отсуството на значителен напредок, кралот го охрабри премиерот да продолжи со напорите за постигнување договор во најкус можен рок“, соопшти белгиската Кралска палата по денешната аудиенција на Де Вевер кај кралот Филип.
Во соопштението се наведува дека премиерот го информирал кралот за состојбата со преговорите за буџетот, по настаните од изминатите неколку дена и неговите неодамнешни разговори со коалициските партнери, вклучително и за време на состанокот на Кабинетот утрово.
„Премиерот посочи дека сè уште не е постигнат решаваќки напредок кон постигнување договор, но дека сака да ги продолжи разговорите. Иако жали за недостигот на значаен напредок, кралот го охрабри премиерот да остане посветен на постигнување договор што е можно поскоро“, се наведува во соопштението.
Од Кралската палата посочуваат дека кралот Филип уште еднаш ги повикал сите вклучени страни да преземат одговорност и да му дадат приоритет на јавниот интерес за да се избегне долготрајна криза.
„Кралот, исто така, ја нагласува важноста на дијалогот и суштинските консултации, спроведени со целосна дискреција и меѓусебно почитување. Премиерот ќе продолжи да го информира кралот за напредокот на преговорите за време на неговите претстојни неделни аудиенции“, се додава во соопштението.
Де Вевер бара договор за Буџетот до пред крајот на годината
По аудиенцијата кај кралот, Де Вевер ги повикува лидерите на коалициските партии на конечен договор за Буџетот и како краен рок за тоа го одреди периодот до крајот на годината.
„Доколку не биде постигнат договор за буџетот пред крајот на годината, тоа ќе значи крај на Владата“, изјави Де Вевер.
Тој ги повика лидерите на партиите од владејачкото мнозинство „да видат дали и како се подготвени да дојдат до решение“.
„Доколку не се постигне договор за буџетот пред да стапат на сила привремените месечни буџетски асигнации, Владата де факто повеќе не ќе може да управува, па следствено на тоа, нејзиното постоење ќе заврши“, додаде Де Вевер.

