Европската комисија се сомнева дека зад сајбер-нападот, кој веќе еден месец влијае врз нејзините системи, стои хакерска група поддржана од Кина. Ова денеска го објави „Еуроњуз“ (Euronews), повикувајќи се на два извори запознаени со ситуацијата.
Првото потврдено протекување на лични податоци се однесува на корисниците на онлајн-платформата „ЕУ Академија“ (EU Academy), додека осомничените сторители во рамките на Комисијата се означени со кодното име „Панда“.
Изворите наведуваат дека ИТ-одделот на Комисијата открил злонамерен субјект во внатрешните мрежи на 22 октомври. Сепак, извршното тело на ЕУ сè уште не успеало целосно да го неутрализира упадoт, поради што во саботата беше принудено да ја исклучи веб-страницата на „ЕУ Академија“.
Потврдено е протекување на имиња и адреси на е-пошта, што доведе до издавање предупредувања до корисниците за можни „фишинг“ (phishing) кампањи.
Кражбата на податоци за вработените од други ИТ-системи засега не е потврдена, иако неколку внатрешни апликации беа исклучени како мерка на претпазливост, а некои од нив сè уште се недостапни.
Според проценката на заканите, напаѓачот поврзан со Кина немал за цел конкретни поединци или системи, туку тестирал до кој степен може да ги компромитира ИТ-мрежите на Комисијата. Сомнежот за поврзаност со кинеските безбедносни служби се заснова на софистицираноста на нападот и употребата на кинеска алатка со вештачка интелигенција наречена ARTEX – дизајнирана за откривање ранливости – која водечките безбедносни компании „Мајкрософт“ (Microsoft) и „Краудстрајк“ (CrowdStrike) претходно ја поврзаа со хакерските групи „Storm-0940“ и „Panda Vapor“.
Претходно оваа година, Комисијата беше цел и на два други сајбер-напади, за кои се верува дека потекнуваат од Кина.
Кинеската влада во повеќе наврати негираше дека спонзорира или поддржува хакерски групи кои напаѓаат странски институции.
Комисијата сè уште официјално нема објавено кој стои зад нападот; портпаролот за технолошки прашања, Томас Рејниерс, изјави дека прво мора да заврши истрагата.
Главниот синдикат на вработените упати критики за начинот на кој се постапувало со инцидентот, истакнувајќи дека вработените дознале за него преку медиумите.
Кинески хакери се осомничени за сајбер-нападот врз Европската комисија

