САД би можеле да објават нови царини за увоз од Кина, Европската Унија и 14 други економии во наредните денови, објави „Скај њуз“ . Точниот износ на царините, производите за кои би се однесувале и датумот кога би стапиле на сила сè уште не се познати.
Канцеларијата на трговскиот претставник на САД (USTR) треба да ги објави резултатите од неколкумесечната истрага за индустрискиот прекумерен капацитет и производство во тие економии. Администрацијата на Трамп тврди дека прекумерното производство, потпомогнато од владините субвенции, создава вишок на евтина стока што ги поткопува американските компании.
Истрагата беше покрената согласно член 301 од Законот за трговија на САД од 1974 година, кој дозволува воведување царини како одговор на дејствијата на други економии за кои САД веруваат дека им штетат на американските компании или трговија.
Земји на листата
На листата се наоѓаат Кина, Европската Унија, Индија, Јапонија, Јужна Кореја, Мексико, Виетнам, Тајван, Тајланд, Малезија, Индонезија, Швајцарија, Норвешка, Сингапур, Бангладеш и Камбоџа. Европската Унија е броена како една економија во истрагата.
Не е јасно дали новите царини ќе ги погодат сите 16 економии подеднакво. Според извори запознаени со плановите, стапките би можеле да варираат во зависност од земјата, а Мексико и Норвешка можеби нема веднаш да бидат погодени од новите царини.
Судот претходно ги прогласи царините за неуставни
Доколку бидат воведени, новите царини ќе им се придружат на царините од 10 до 12,5 проценти што САД ги воведоа претходно оваа година за увоз од десетина земји, како дел од посебна истрага за спроведувањето на забраните за увоз на стоки произведени со принудна работа.
Планираните нови давачки се дел од напорите на администрацијата на Трамп да ја врати пошироката царинска програма која Врховниот суд на САД ја прогласи за неуставна претходно оваа година.
Очекуваниот потег доаѓа откако републиканците ги загубија мнозинството во двата дома на Конгресот на неодамнешните среднорочни избори, а трошоците за живот беа меѓу главните теми на кампањата.
Во јули 2025 година, САД и ЕУ се согласија за максимална вкупна царина од 15 проценти за повеќето стоки од ЕУ. За возврат, ЕУ ги укина царините за индустриските стоки од САД. Договорот ќе се применува од 1 јули 2026 година.
Исклучок се челикот и алуминиумот, за кои царините остануваат до 50 проценти.

