Панел-дискусија на тема „Мајчинството – предизвик на 21 век“ денеска во Музејот на македонската борба за самостојност, во организација на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.
На настанот ќе учествуваат жени од различни општествени, професионални и духовни сфери, кои ќе дискутираат за предизвиците на мајчинството во современото општество.
Како што информира организаторот, целта на панел-дискусијата е да се поттикнат размислувања и размена на искуства за мајчинството, како и поголемо разбирање и поддршка на улогата на жената и мајката.
Дискусијата ќе се одвива во рамки на два тематски панели. Првиот, насловен „Општествено реализирани жени-мајки“, ќе ги опфати искуствата на пратенички, носителки на функции во државните институции и претставнички од бизнис-секторот.
Вториот панел, „Мајчинството низ призмата на верските заедници“, ќе биде посветен на духовните и верските аспекти на мајчинството, со учество на претставнички од црквите, верските заедници и религиозните групи.
Од Комисијата посочуваат дека мајчинството не е само лична и семејна одговорност, туку и значајна општествена вредност која заслужува посебно внимание, почит и поддршка.
Со настанот, како што наведуваат, се сака да се афирмираат мајчинството, семејството и достоинството на жената во современото општество.

