Во Кинотека почнува петтото издание на Фестивалот на грчки филм под мотото: „Женски поглед: филм по нејзина мерка“, што ќе трае до 27 ноември.
– Овогодишната програма им оддава почит на жените режисерки, претставувајќи три долгометражни и два краткометражни филма од грчки авторки од различни временски епохи. Посветен исклучиво на филмови режирани од жени, фестивалот има за цел да го прикаже богатството на искуства, уметнички јазици и сензибилитети што тие ги внесуваат во филмската уметност, создавајќи простор за различни перспективи што ги предизвикуваат конвенционалните наративи – информираа организаторите на фестивалот.
Во пишаната изјава на Јанис Малукос – амбасадор на Грција во нашата држава, се нагласува дека Фестивалот на грчки филм има за цел да придонесе кон културниот дијалог и пријателството меѓу двете земји, зајакнувајќи ги врските меѓу нашите народи преку креативноста и уметничката размена.
– Фестивалот на грчки филм не е само можност за промоција на грчката кинематографија, туку и за меѓусебно зближување на луѓето.Културата има уникатна способност да ги надминува границите, да премостува разлики и да создава заедничка основа. Преку кинематографијата откриваме приказни што можеби потекнуваат од различни општества, но, зборуваат за чувства, предизвици и стремежи што сите ги споделуваме. Добриот филм може да ни овозможи да го видиме светот низ очите на некој друг. Може да ги преиспита нашите сфаќања, да нè инспирира и да нè потсети на она што нè поврзува. Токму тоа сакаме да го постигнеме преку нашите културни активности овде, во Северна Македонија – истакнува Малукос.
За Небојша Јовановиќ, уметнички директор на Фестивалот, филмот како уметност ги обединува речиси сите уметности и има најголема моќ да ја пренесе пораката, но, доколку преку неа не проговори суптилниот, длабоко чувствен и креативен женски авторски глас, таа не е комплетна.
– Бескрајно се радувам што стигнавме до едно заокружување, односно мал јубилеј, пет години од основањето на фестивалот. Со Фестивалот на грчки филм создадовме традиција во градењето на доверба помеѓу двете земји и општества, во продлабочување на културниот дијалог помеѓу двата народи, растопивме многу предрасуди кои беа длабоко вкоренети во нашата свест, во времиња што не беа лесни. Со овој фестивал, не само што ги промовираме вредностите на грчката култура, туку ја подигнавме културната дипломатија на највисоко ниво, со што придонесуваме во понатамошен развој на дипломатските односи помеѓу двете земји. Добро е познато дека професиите филмски режисер и директор на фотографија се едни од професиите со најголеми предизвици во филмската индустрија, а и воопшто. Исто така, забележливо е дека во светот на филмот сѐ повеќе филмски приказни се раскажани преку женскиот сензибилитет и поглед. Но, не беше така отсекогаш. Перцепцијата на оваа професија во минатото беше поинаква, таа доминантно припаѓала на мажите. Но, сведочиме најмалку на промена на перцепцијата за овие професии, што е значаен напредок. Фестивалот на грчки филм Скопје 2026, со концептот за новото издание, посветувајќи го целиот фестивал на храбрите филмски авторки од Грција, сметам дека ќе биде даде значаен придонес кон промените што се случуваат во филмската индустрија – вели Јовановиќ.

