Скопје денеска ќе биде домаќин на Првиот форум за енергетска дипломатија – „Обновливи извори и жените во енергетиката“, на кој, како што е најавено, ќе присуствуваат над 200 домашни и странски гости, а ќе учествуваат повеќе од 15 говорници, панелисти и модератори.
Во фокусот ќе бидат енергетската безбедност, обновливите извори на енергија, зеленото финансирање, регионалната соработка и женското лидерство во енергетскиот сектор.
-Форумот ќе обедини високи владини претставници, меѓународни организации, финансиски институции, претставници од дипломатската заедница и приватниот сектор, а целта е да се зајакне регионалната и меѓународната соработка за унапредување на енергетската безбедност, економската отпорност и транзицијата кон одржливи и инклузивни енергетски системи. Форумот ќе обезбеди платформа за политички дијалог, размена на искуства и идентификување можности за забрзување на примената на обновливите извори на енергија, мобилизирање зелени финансии и зајакнување на регионалните партнерства, особено во Западен Балкан. Посебно внимание ќе биде посветено на промовирањето на женското лидерство и учество во енергетската политика, дипломатијата и енергетскиот сектор, вклучително и предложеното лансирање на Мрежата на жени во енергетската дипломатија, се наведува на официјалната интернет страница.
Форумот е во организација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), а ќе го отвори министерката Сања Божиновска.
Организацијата е во партнерство со Канцеларијата на Обединетите нации во Северна Македонија, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Македонија и Економската комисија на Обединетите нации за Европа (УНЕЦЕ).

