Меѓувладиниот панел на ОН за климатски промени (ИПЦЦ) ги повлече своите претходни прогнози за климата, бидејќи се покажаа како несигурни, објави американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“.
Спроед Трамп, ова ги побива тврдењата на климатските активисти за катастрофалните последици од глобалното затоплување.
„Екстремната климатска наука е историја!“, напиша Трамп на почетокот на објавата, а потоа ги обвини климатските активисти дека со години шират неосновани предвидувања.
Тој посочи дека климатските активисти отсекогаш ги опишувале своите претпоставки за екстремната климатска наука како „утврдена наука“, а сценаријата за пропаст и уништување засновани на „климатските промени“ доминирале во нивните ставови.
Трамп тврди дека ИПЦЦ сега признал дека претходните климатски проекции биле несигурни и дека затоа ги повлекол, но не спомена конкретен извештај или одлука на телото на ОН на кое се повикува.
„Па, нивната климатска наука сега е побиена, повлечена и отстранета од страна на ИПЦЦ на ОН. Точно така, истата организација што ги објави тие проекции како „утврдена наука“ сега заклучи дека тие не се веродостојни и ги повлече. Нема повеќе катастрофални предвидувања. Нема повеќе! Нема повеќе! Нема повеќе!“ заклучи американскиот претседател.
Дали ИПЦЦ навистина ги повлече своите климатски прогнози?
Тврдењето на Трамп не значи дека ИПЦЦ ги напушти своите заклучоци за климатските промени. Ова се промени во сценаријата за идните емисии на стакленички гасови, кои научниците редовно ги ажурираат во согласност со новите податоци.
Во новата генерација сценарија, претходното сценарио за екстремно високи емисии е изоставено, бидејќи таков развој денес се смета за помалку веројатен.
Сепак, ова не значи дека климатските промени се побиени или дека опасноста од понатамошно глобално затоплување исчезнала.

