Американската компанија за развој на вештачка интелигенција „Антропик“ (Anthropic), креатор на чет-ботот „Клод“ (Claude), го проширува своето присуство во Цирих. Како што објави денеска швајцарскиот весник „Тагес-Анцајгер“ (Tages-Anzeiger), компанијата закупила нов деловен простор со површина од приближно 2.500 квадратни метри во центарот на градот.
Новите канцеларии се наоѓаат во историската зграда на поранешната главна пошта, позната како „Фрауминстерпост“ (Fraumünsterpost), во непосредна близина на реката Лимат, пренесува „Свисинфо“ (Swissinfo).
Просторот може да прими околу 150 работни места, а според проценките на „Тагес-Анцајгер“, годишните трошоци за закуп изнесуваат околу два милиони швајцарски франци.
Компанијата, која минатата недела излезе на Њујоршката берза, вработува приближно 5.000 луѓе ширум светот.
Од „Антропик“ одбија да ги коментираат информациите за закупот на новиот простор.
Зградата „Фрауминстерпост“ нуди вкупно 6.100 квадратни метри простор распоредени на пет ката; се очекува изградбата да биде завршена, а „Антропик“ и другите закупци да се вселат, во текот на првата половина од 2027 година.
„Антропик“ веќе има тим во Цирих кој работи на развој и усовршување на моделот „Клод“. Ова проширување на деловниот простор дополнително ја нагласува важноста на градот за истражувачките активности на компанијата и за растот на нејзините операции во Европа. Цирих е значаен европски центар за развој на вештачка интелигенција, делумно благодарение на големиот број експерти и присуството на водечки технолошки компании, пренесува „Блумберг“ (Bloomberg).
„Гугл“ (Google) во овој град вработува повеќе од 5.000 луѓе од над 85 земји, додека Швајцарскиот федерален институт за технологија во Цирих (ETH Zurich) оваа година се најде на третото место на ранг-листата на универзитети на „Тајмс хајер едјукејшн“ (Times Higher Education – THE) за компјутерски науки – пред Технолошкиот институт во Масачусетс (MIT) во САД. Друга предност што Цирих му ја нуди на Anthropic е близината до големи компании од фармацевтскиот и финансискиот сектор.
Во Швајцарија се наоѓаат седиштата на банката UBS, како и на фармацевтските гиганти Roche и Novartis, што создава можности за соработка и примена на вештачката интелигенција во овие индустрии.
Anthropic ги проширува операциите во Цирих за да привлече експерти за вештачка интелигенција

