Патот кон ЕУ не се сведува само на спроведување на неопходните реформи, туку за него се клучни и регионалната соработка, помирувањето и добрососедските односи, порача вечерва во Брисел претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта на прес-конференцијата по завршувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан.
„Очекувам понатамошен напредок во решавањето на билатералните прашања. Предизвиците што потекнуваат од минатото мора да се надминат. Време е да се гледа напред, а не наназад. Само така нашите партнери од Западен Балкан можат да постигнат вистински напредок и да ги преземат своите одговорности како идни членки на стабилна, просперитетна и обединета Европа“, рече Кошта.
Според него, самата Европска Унија е доказ за овој пристап, бидејќи таа е изградена врз помирување и мир, а проширувањето е од суштинско значење за унапредување на тие цели.

„Нашите партнери од Западен Балкан можат да сметаат на Европската Унија. Ние сме вашиот најсигурен партнер и такви ќе останеме“, истакна Кошта.
Тој нагласи дека денешниот самит ЕУ-Западен Балкан, втор оваа година, ја потврди перспективата за членство на земјите од регионот во Европската Унија.
„Предизвикувачката геополитичка ситуација само ја нагласува потребата од уште потесни врски меѓу Европската Унија и Западниот Балкан. Мојата порака до сите партнери беше јасна: одржете го замавот и спроведете ги реформите што ќе ве доведат до Европската Унија. Проширувањето е реална можност и таа треба да се искористи“, рече Кошта.

Тој посочи дека на денешниот состанок се разговарало за тоа како постепената интеграција во Европската Унија да се подигне на повисоко ниво, со цел граѓаните низ целиот регион дополнително да ги почувствуваат придобивките од овој пристап.
„Напредокот постигнат од Црна Гора и Албанија докажува дека пристапувањето кон Европската Унија не е илузија, туку реална можност за оние што се ангажираат. Оваа година започнавме со изготвување на Договорот за пристапување на Црна Гора, чекор што не сме го презеле повеќе од 10 години. Албанија, исто така, започна со затворање на преговарачките поглавја. Сите други партнери од Западен Балкан можат, доколку сакаат, да остварат напредок на сопствените патишта кон пристапување“, рече Кошта.

