Предлог за нов уставен судија треба да утврди денеска собраниската Комисија за прашања и изборите и именувањата откако уставниот судија Гоце Наумовски си поднесе оставка.
Покрај ова, Уставниот суд ќе треба да добие и нов претседател затоа што во јануари му истекува мандатот на актуелниот претседател Дарко Костадиновски, а истовремено му истекува мандатот и на уште еден уставен судија – Осман Кадриу. За овие места, новите предлози треба да ги даде претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Уставниот суд има девет судии. Во актуелниот состав на Уставниот суд се Дарко Костадиновски, кој за негов претседател беше избран во јуни 2024 година, и судиите Насер Ајдари, Осман Кадриу, Добрила Кацарска, Фатмир Скендер, Татјана Васиќ Бозаџиева, Ана Павловска-Данева и Мери Дика Георгиевска.
Судиите ги избира Собранието со мандат од 9 години, без право на повторен избор. Претседателот се избира од редот на судиите за време од 3 години, исто така без право на повторен избор. Двајца судии предлага претседателот на државата, двајца Судскиот совет (од редот на судиите), а останатите се избираат на предлог на Собранието, при што за тројца судии е потребно и Бадентерово мнозинство. Уставните судии се избираат од редот на истакнати правници, а функцијата е неспојлива со друга јавна функција, професија или членство во политичка партија.

