Европската комисија во среда презентираше предлог за закон за квантни технологии што предвидува формирање фонд за финансирање на акции од 50 милијарди евра.
Целта на предлогот е Европа да стане глобален лидер во квантните технологии до 2030 година.
Фондот за инвестиции во акции (STEF) ќе биде наменет за обезбедување финансиска поддршка на технологии кои се од суштинско значење за технолошкиот суверенитет и економската безбедност на Унијата. Унијата треба да има можност да учествува во овој инструмент како акционер, заедно со земјите-членки и други јавни или приватни инвеститори.
Фондот би вршел големи инвестиции во акции во стратешки европски компании и индустриски проекти – на пример во областа на квантните технологии – надополнувајќи ги постојните финансиски инструменти на ЕУ и помагајќи во решавањето на еден од најзначајните празнини во европската инвестициска средина.
Законот за квантни технологии има три главни столба: извонредност во истражувањето, примена на квантната технологија и обезбедување безбедност на системот и снабдувањето.
Ова би се имплементирало преку рамковната иницијатива за Квантна Европа, која би ги обедини програмите на ЕУ и националните програми околу заеднички истражувачки и индустриски приоритети.
Влијанието на квантните технологии ќе биде огромно, од навигација без сателити и побрзо откривање лекови до ултра-напредни батерии и безбедни комуникации од следната генерација, вели Комисијата.
„Квантните технологии ќе ја обликуваат иднината на индустријата, безбедноста и иновациите и ќе имаат длабоко влијание врз нашите општества. Европа мора да заземе чекор сега“, рече извршната потпретседателка Хена Виркунен, која е задолжена за технолошкиот сектор.
Предлог-законот, кој треба заеднички да го усвојат Советот и Парламентот, има за цел да ѝ помогне на Европа – која заостанува зад САД и Кина во развојот на вештачката интелигенција, чиповите и cloud computing – да ја намали својата зависност од трети земји.
Предлог-законот предвидува давање приоритет на европските компании во постапките за јавни набавки.
„Со оглед на можното влијание на квантните технологии врз безбедноста, стратешките интереси на Унијата и нејзината технолошка автономија, потребно е да се ограничат процедурите за јавни набавки на производи, системи и услуги што ги нудат субјекти под контрола на Унијата“, се наведува во нацрт-законот.

